Вечерва хуманитарен хепенинг во рамките на Неделата на борба против гладта

Активностите по повод Неделата на борба против гладта во организација на Црвен крст Охрид, а со помош и поддршка на Локалниот совет на млади и Општина Охрид продолжуваат со несмален интензитет. Денес, во Центарот за култура „Григор Прличев“, од 18:00-20:00 часот ќе се одвива хуманитарен хепенинг кој ќе опфати повеќе содржини: презентација и продажба на оригами производи изработени од членовите на оригами клубот при Црвен крст Охрид; младите актери од Клубот на млади на Црвен крст Охрид ќе ја изведат театарската претстава „Ромео и дадилката на Јулија“, а свој музички настап ќе имаат и членовите на Музичкиот клуб  при Универзитетот „Св. Апостол Павле“ од Охрид. 

Средствата кои ќе бидат собрани од продажбата на оригами производите и влезниците (30 денари) ќе бидат искористени за набавка на прехрамбени производи наменети за социјално загрозените семејства од Охрид.

Ги покануваме сите хумани луѓе да бидат дел од овој настан и преку забава и дружење да ја изразат својата хуманост.

Реализацијата на настанот е овозможена и поддржана од Центарот за култура „Григор Прличев“, Охрид.