Заврши анкетата на Министерството за транспорт и врски на која граѓаните можеа да гласаат за девет идејни решенија за уредување четири плажи на Преспанското Езеро и пет на Дојранското Езеро, пристигнати на конкурсот за таа намена.
Министерството за транспорт соопшти дека согласно резултатите од електронското гласање, за идејно решение за плажите Граница, Титови пионери, Калдрма, Карач, Градска плажа и Стара Мрдаја на Дојранско Езеро, од вкупно 1.492 гласови, првото идејно доби 49 проценти. Второто решение освои 19 проценти од гласовите, за третото се дадени 2 проценти од гласовите, а за четвртото и петтото по 12 односно 18 проценти од вкупниот број гласови.
За плажите Коњско, Претор, Крани, Отешево и Сливница на Преспанско Езеро, од вкупно 1.919 гласови, првото идејно решение доби 2 проценти, второто доби 44 проценти, третото 45, а за четвртото се дадени 9 проценти од вкупниот број гласови.
Сите идејно архитектонско – урбанистички решенија за уредување плажи можат да се видат на интернет страницата на Министерството за транспорт и врски www.mtc.gov.mk
Во наредниот период Министерството ќе донесе решение за доделување прва и втора награда, како и за откуп на останатите идејни решенија.
Опфатени се локациите на Дојранското Езеро: „Граница Николиќ“, со должина од 100 метри „Калдрма“ – 200 метри, „Карач“ – 100 метри, плажа кај одмаралиште „Титови Пионери“ – 150, „Стара Мрдаја“ – 400 метри и плажите бр. 7,8,9 и 10 во централното градско подрачје со вкупна должина од 400 метри. На Преспанско Езеро се опфатени локациите: „Крани“ со должина од 500 метри, „Отешево“ – 100 метри, „Коњско“ – 200 метри, „Сливница“ – 100 метри и „Претор“ во централното подрачје со должина од 500 метри.
Според Министерството за транспорт и врски, концептот на заштитата на природната средина и зачувување на автентичноста на некои од обележјата, кои се јавуваат како специфични за тој регион, при изработка на архитектонско-идејното решение беше основно начело што се бараше на конкурсот.
Предвидено е на плажите да има планирана песочна површина која би се изнивелирала и попесочила со соодветен автохтон песок, да се почитува постојното зеленило и да се дооформи со автохтони видови, хортикултурно и партерно да се уреди со поставување клупи, фонтани за вода за пиење, детски игралишта, пешачки патеки од монтажно – демонтажни материјали. Сервисниот пункт на плажите треба да има шанк со кабина за музика со спецификација на опрема, место за озвучување, санитарен јазол, тушеви, соблекувални, прирачна остава за чадори, лежалки и други реквизити. Треба да биде обележан просторот за капење во езерото заради заштита на капачите од пловни објекти и да се предвиди место за служба за спасување, а местото за седење на спасителот да се осмисли во духот на целата плажа. На плажата треба да се предвидат и места за информативни паноа, безжичен интернет и други погодности за забава и престој.
– Изработките на идејно архитектонско – урбанистички решенија за уредување на плажите на Дојранското Езеро и на Преспанското Езеро претставуваат основа за натамошно уредување согласно современите туристички стандарди, како би можеле во текот на туристичката сезона да бидат подготвени сите предуслови за пречек на туристите, се вели во соопштението од Министерството за транспорт и врски.