Во врска со соопштението од кабинетот на градоначалникот на општина Дебарца во кое се известува дека Јавното комунално претпријатие во пресрет на зимата работи на средување на локалната инфраструктура, од ОО на СДСМ Дебарца велат дека се наведува ноторна лага дека претходната локална власт ги оставила жителите на селата во милост и немилост отсечени од светот.
„Добро е што надлежните од општината после неколкуте наши прозивки почнаа со чистење на локалните патишта од крајпатната густа вегетација. Активност која досега требаше да биде завршена. Сепак, подобро некогаш отколку никогаш- рекол нашиот народ. Во врска со чистењето на снегот во зимските услови на што алудираат од општината во изнесената невистина да ги потсетиме дека претходната локална власт и покрај големата територија на општината и подрачја со изразито екстремни зимски услови повеќе од успешно се справуваше со овој проблем. Ниту едно село, дури и најоддалечените не беа отсечени од светот, туку навреме беа исчистени патиштата. Најголем проблем секогаш беше регионалниот пат Ботун-Белчишта-Лешани-Велмеј, чие чистење беше во надлежност на ЈП Македонија пат, односно централната власт. И како можеше да очекуваме да го исчистат, кога не беа способни да го исчистат ниту магистралниот пат М4. Регионалниот патен правец најчесто беше чистен со механизација ангажирана од општината. Ако не ни верувате нам или на граѓаните на Дебарца, ова лесно можете да го проверите во подрачните одделенија во Охрид на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување.
И крајно, наместо толку многу да Ве интересира што правела претходната власт, видете што Вие правите. Зимската сезона е на прагот, а сеуште не е донесена Оперативната програма за дејствување во зимски услови, ниту е распишан тендер за избор на економски оператор кој ќе ги врши услугите за зимско одржување на патиштата во општина Дебарца“. – стои во реакцијата на ОО СДСМ Дебарца.