Реакција: ОО СДСМ Дебарца секогаш работи во интерес на граѓаните на Дебарца

Во врска со интервјуто на градоначалникот на општина Дебарца, Игор Трајкоски за порталот WebOhrid и од негова страна изнесените квалификации за неконструктивниот однос на ОО СДСМ Дебарца и советничката група на СДСМ во советот на општината Дебарца, кој се манифестирал со „неосновани критики во функција на здобивање ситни политички поени“ сакаме да укажеме на следното :

ОО СДСМ Дебарца и советничката група на СДСМ секогаш биле конструктивни и работат во интерес на граѓаните на Дебарца. Така беше и кога ја имавме локалната власт, така е и сега кога сме опозиција. Впрочем, ако не било така немаше да ја добиваме поддршката од граѓаните на Дебарца четири мандати едноподруго.

Дека сме конструктивни и во опозиција зборува податокот дека нашата советничка група во советот на општината ги поддржува сите проекти кои се во интерес на граѓаните на Дебарца, при што сме биле конструктивни и сме ги гласале предлозите на позицијата и во ситуација кога на конкретната седница не го имале обезбедено потребното мнозинство.

Меѓутоа, секогаш сме биле и во иднина ќе бидеме жестоки критичари на секој лош потег на локалната власт. Така, неможеме,  а да не реагираме на тврдењата на новата локална власт дека во општината не било ништо направено. Едноставно, тоа е ноторна невистина. Не реагиравме зошто се чистат патиштата, туку напротив тоа го поздравивме, бидејќи по неколкуте наши прозивки конечно  се отпочна нешто да се работи  и на тој план. Реагиравме на пласираната невистина дека претходната локална власт тоа не го правела. Не реагиравме на поставувањето на државното знаме, туку на неговото не симнување со денови по празникот, што зборува за односот  кон истото. Не можевме да не реагираме на партиските вработувања во општинската администрација и јавното претпријатие и партиските чистки во основното училиште, бидејќи тоа е вистината.

Крајно, остануваме посветени на граѓаните на Дебарца и ќе понудиме концепт со позитивистички дух и решенија за локалните проблеми, при што ќе бидеме жестоки критичари кога ќе оцениме дека е тоа потребно и кога локалната власт ќе забегува од дадените ветувања.

ОО СДСМ Дебарца