ОО на СДСМ Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:
„Изработката на новите акти за внатрешна организација и систематизација на работните места во локалната самоуправа и општинските јавни претпријатија е заснована единствено врз партиски желби и самоволие на ВМРО-ДПМНЕ и е мотивирана исклучиво од осветољубиви причини. Новата локална власт, обидувајќи се да ги задоволи големите апетити на одредени членови и симпатизери на партијата на власт, кои се роднини, пријатели или блиски соработници на најтесното раководство на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, својски се труди да ги избрка од работа оние што се примени во изминатите неколку години, од страна на претходното општинско раководство. Притоа, ниту еден професионален критериум на работно ангажираните луѓе – образование, способност, квалификација, обученост, сертифицираност – не е важен за новата локална власт – важно е „неподобните“ млади кадри, кои не припаѓаат или не се приклониле кон ВМРО-ДПМНЕ, да бидат избркани од работа и на нивно место да бидат ангажирани нови, професионално неискусни и несоодветни, но слепо послушни партиски војници. Како поинаку да се протумачат изјавите на Градоначалникот дека „се прават напори за изнаоѓање на најсоодветно решение за решавање на проблемот, почитувајќи ја социјалната компонента“, а притоа се алудира на превработеност според некакви наводни европски стандарди?! Тоа не значи ништо друго, туку бркање од работа на оние што не припаѓаат на партијата на власт и не мислат како ВМРО-ДПМНЕ.
Поставуваме неколку едноставни прашања до Градоначалникот и одговорните лица во локалналната самоуправа: Ако постои толку сериозен проблем со „преобемната и прегломазната администрација во Охрид која го оптоварува нормалното работење на локалната самоуправа и јавните претпријатија“, како што изјавува Градоначалникот, тогаш зошто во изминатите 6 месеци во истата таа администрација работно се ангажирани повеќе од нови 90 лица?! Зошто само во општинската администрација, со решение или со договор за работа, работно се ангажирани нови 22 лица, што претставува зголемување за 10% од вкупниот број вработени во локалната самоуправа?! Зошто во општинските јавни претпријатија, од промената на локалната власт во Охрид наваму, работно се ангажирани додатни 70 лица?! Зошто Градоначалникот, кој беше многу јасен и дециден за време на изборната кампања, дека нема да отпушта од работа никого и дека целта му е да отвора нови работни места, не го исполни сопственото ветување, односно зошто ги испушти од работа искусните, стручните и соодветните работници од училиштата и градинките на кои им истекоа договорите за работен ангажман, за на нивно место да бидат примени нестручни и несоодветни кадри?!
Погрешни се информациите што градските власти ги пласираат во јавноста за наводни европски стандарди во бројот на вработените во локалните администрации, со што ги доведуваат во заблуда граѓаните на Охрид. Тој број, покрај од бројот на жители во општината, зависи уште од голем број други фактори, кои се поврзани со специфичните територијални, економски и општествени карактеристики на самата општина, од како и од нивото на децентрализација на централната власт. Како е можно, на пример, истите такви наводни критериуми да важат и за Охрид и за Радовиш, или за Охрид и за Облешево-Чешиново, кога не може да стане збор за било каква споредба по ниту еден критериум?! Доколку не можат да се снајдат со бројките од ЕУ, тогаш им советуваме на градските власти барем нека ги консултираат збратимените градови и општини со кои е воспоставена соработка и да извршат споредба со бројот на вработените во тамошните администрации. А, СДСМ од Охрид жестоко ќе реагира и ќе се спротивстави на сите отпуштања и примања во администрацијата што се мотивирани од политичко-партиска природа и за тоа ќе ги информира сите релевантни домашни и меѓународни организации.“ – стои во соопштението од ОО на СДСМ Охрид.