Состојбата кај интернет заштитата во Македонија е на потребното ниво, но имајќи го предвид технолошкиот развој и новите системи што се ставаат во функција, ќе имаме потреба од подготовка и примена на безбедносните мерки, оцени министерот за одбрана Талат Џафери.
На отворањето на НАТО регионалната школа за сајбер одбрана што од денеска до 26-ти овој месец се одржува во Охрид во организација на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ и Правниот факултет од Љубљана, Џафери истакна дека се обучува кадар кој може да ги користи новите технолошки достигнувања.
„Напредокот на информатичката технологија заедно со останатиот технолошки развој во голема мерка се одразија на секоја пора од современото живеење. На една страна развојот на технологијата е заслужен за унапредување на квалитетот на живеење. Во исто време, според многу анализи, заедно со интензивирањето на процесот на глобализацијата, технолошкиот развој ги носи сите заслуги за најголемата економска експанзија во историјата на човештвото, но наметна и низа безбедносни предизвици“, рече Џафери.
Современите безбедносни мерки од областа на информатичката технологија, според него, создаваат сериозни потешкотии кај експертите, кои се занимаваат со овие прашања во нивните обиди да изнајдат соодветен одговор на современите ризици. Од тој апект, додаде Џафери, школата е особено значајно за државата, бидејќи, како што нагласи, со овие проекти ја бетонираме решеноста да го следиме патот кон евро-атлантските интеграции и зачленувањето во НАТО.
„Оваа школа е прв ваков исчекор, кој е посветен исклучиво на сајбер одбраната. Тоа нема да биде последен чекор кој ќе го преземеме во оваа насока и во оваа област, туку само можност над која во склад со концептот за паметна одбрана кој го заговара НАТО, ќе се обидеме да ги вклучиме сите земји од регионот и да придонесеме за поефикасна безбедност, сигурност и благосостојба на сите наши граѓани“, рече минситерот за одбрана.
Значењето на Школата за професорот Методи Хаџи-Јанев од Воената академија во Скопје е огромно, посебно за Македонија. Во Југоисточна Европа, додаде тој, речиси и да не постои сајбер стратегија. Од друга страна, значењето на оваа средба за нас е огромно затоа што се обидуваме да бидеме лидери.
„Со ова даваме придонес и кон она што го прави Владата, бидејќи создавањето Е-Влада и целокупниот пакет проекти, кои следуваат со тој дел, значително мора да бидат заштитени затоа што покрај бенефитите кои ги носи сајбер делот носи и голем број ризици што не ја загрозуваат само личната безбедност, туку и безбедноста на државата, особено заради фактот што со дигитализација на инфраструктурите кои се претставуваат растат и ризиците и опасноста од каскадни ефекти кои можат да настанат со напад од таквите ризици“, нагласи Хаџи-Јанев.
На школата за сајбер одбрана учествуваат 50-тина експерти од оваа област од Македонија, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Србија, Словенија, Хрватска и од Црна Гора.