“Денешната прва посета на македонски министер за внатрешни работи на Кина е добра основа за подигнување на меѓусебната соработка на повисоко ниво“, оцени кинескиот Министер за јавна безбедност Гуо Сенгкун. Според него, посетата на министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска доаѓа во исклучително значаен момент кога се одбележуваат 20 години од дипломатските односи меѓу Р. Македонија и Н. Р. Кина.
Со длабоката доверба изградена меѓу двете институции, првиот човек на кинеската полиција смета дека е создадена солидна основа за натамошно унапредување на односите, заблагодарувајќи се за помошта во неколку значајни случаи. Двајцата министри се согласија дека е неопходно формализирање на односите во правна рамка и најавија потпишување на меморандум за соработка.
Како заеднички точки на интерес беа дискутирани борбата против тероризмот и организираниот криминал, потрагите по лица, конфискацијата на имот, нелегалната трговија со наркотици и луѓе, како и криумчарењето мигранти. Заеднички заклучок беше дека размената на искуства ќе ги збогати двете полиции и дека е неопходно организирање на обуки и тренинзи. Токму продлабочувањето на соработката во областа на владеење на правото, според Јанкулоска ќе значи и креирање подобра и посигурна бизнис клима.
Посетата продолжува со посета на Специјалната полициска академија и Шангајската полиција.