Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, градоначалникот на Општина Охрид, Никола Бакрачески и директорот на Јавната општинска установа за деца – Детска градинка „Јасна Ристеска“, Розе Костеска отворија група за вршење на одделни услуги од својата дејност во други просторни услови во село Велгошти.
„За помалку од две недели оваа е втора градинка во други просторни услови, што ја отвараме во општина Охрид. Со оваа градинка и со градинката во Лескоец значително се подобруваат условите за згрижување, сместување и воспитување на дечињата од предучилишната возраст. Општина Охрид е вистински пример на општина која работи во насока на подобрување и унапредување на постоечките капацитети и би сакал едноставно сите општини во Р.М. да го следат овој пример“, – изјави министерот Спасов.
Како што рече министерот Спасов, дополнително оваа градинка треба да донесе развој, на демографскиот развој исто така развој на наталитетот во општина Охрид, односно Спасов посака и да се зголемува што е можно повеќе бројот на дечиња во Охрид.
„Конечно на жителите на Велгошти, на нивно барање и на нивна инцијатива им излегуваме во пресрет да им обезбедиме услови за адекватна грижа на нивните деца, за адекватна нега и адекватно воспитување. Ова е само уште доказ дека локалната самоуправа посветено ќе работи на сите оние ветувања кои што во изминатиов период ги дадовме на жителите на Охрид, а за кои ние сме обврзани да ги реализираме. Ќе продолжиме и понатака со реконструкција и адаптирање на градинките во Охрид“, – рече градоначалникот Бакрачески.
Градоначалникот најави дека Локалната во иднина има проекти кои што во текот на оваа година и почетокот на другата година ќе ги реализира, во насока на подобрување на условите во градинките и школите во Охрид, што подразбира реконструкција и адаптација на просторните услови и на реквизитите на сместување на децата од предшколска возраст.
Градинката во други прoсторни услови е дел од подрачното ОУ„Живко Чинго“ во с.Велгошти, во која во моментов се згрижени 35 деца од предучилишна возраст.
„Станува збор за хетерогена група која што ќе опфаќа деца од 2 до 6 годишна возраст. На простор 200 м² приспособени и прилагодени според нормите и стандардите за престој на деца во градинка. Условите се исти како во градинка, дури се малку подобри, затоа што имаме комплетно нова опрема“, – додаде директорката на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“, Розе Костеска.
WebOhrid