Добриот фискален пакет, добрата деловна клима, одличниот однос на Владата кон странските инвеститори и големиот број договори за слободна трговија што ги има потпишано Македонија, а кои дозволуваат настап без тарифи на други пазари, особено на европските, се само некои од причините кои треба да ги привлечат француските вложувачи во земјава.
Како што изјави вицепремиерот Владимир Пешевски на француско-македонскиот бизнис форум, сите инвеститори кои отвораат работни места се добредојдени.
„Ќе му излеземе во пресрет на секој што сака да отвори фирма кај нас. Ќе настојуваме, преку моделите на државна помош и поедноставувањето на административните процедури, да им овозможиме на сите што имаат интерес за воспоставување каква било операција во Македонија, полесно да ги реализираат своите планови“, нагласи Пешевски.
Не се таргетираат, додаде, одредени компании и сектори, но сепак е добро да дојдат оние што реализираат додадена вредност и кои имаат ефект на пренесување знаење, како технолошките и од областа на земјоделството во кое Франција има огромно искуство.
„Можностите за соработка со Франција и за нови инвестиции се многу големи. Сакаме Македонија да биде една од дестинациите за вложување на француските компании“, рече министерот за странски инвестиции Бил Павлески.
Според него, Македонија е една од опциите и посебно интересна за оние француски компании кои имаат инвестиции во Северна Африка и сега сакаат да ги диверзифицираат своите бизниси.
„Поради нестабилноста во регионот на Северна Африка, компаниите бараат нови дестинации. Ние им ги претставивме можностите што ги нуди Македонија. Производството на автоделови, текстилот и прехранбените производи се потенцијалните сектори за соработка, се што има додадена вредност. Нашат цел е да отворат фабрики тука, да вработат повеќе луѓе, да го зголемат нашиот извоз и со Франција и со останатите членки на ЕУ и со останатите држави во светот“, напомена Павлески.
Моментно, додаде, билансот од размената со Франција е негативен, повеќе увезуваме, но по влезот на странските компании во земјава, резултатот се подобрува.
Ален Ришар, специјален претставник на министерот за надворешни работи надлежен за Западен Балкан, рече дека оние што работат тука се многу задоволни од бизнис климата во Македонија
„Моја задача е да привлечам и други, да им кажам дека навистина климата за водење бизнис во Македонија е поволна. Засега се реализираат повеќе значајни проекти, посебно во областа на земјоделството каде што Франција има големо искуство. Станува збор за вистинско партнерство и пренесување на нашата експертиза“, изјави Ришар.
На вториот бизнис форум што го организираше француската амбасадорка Лоренс Оер, присуствуваа претставници од околу 30 компании.