Денес на АП „Криволак“, се реализира уништувањето на последните количини од залихите на касетна муниција во контекст на исполнувањето на обврските кои Република Македонија ги има како земја потписничка на Осло-конвенцијата за забрана на касетната муниција.
Уништувањето на овие средства го изведоа тимовите за уништување на неексплодирани убојни средства на АРМ во присуство на амбасадорката на СР Германија во Република Македонија Н.Е. Гудрун Штајнакер, Региoналниот директор на Норвешка народна помош, г-дин Емил Јеремиќ, претставници од воено – дипломатски кор во Република Македонија, од Министерството за надворешни работи, од Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија.
Амбасадорка Штајнакер изјави дека и е многу драго што денес беше дел од овој значаен настан и што истиот е поддржан од германската влада. Воедно ја изрази својата благодарност до полковникот Томислав Ризески – главен координатор на активноста и неговиот тим за успешно реализираната програма со што Република Македонија ја исполни задачата и се ослободи од касетната муниција.
-„Република Македонија ја исполни својата обврска согласно член 3 од Осло – Конвенцијата за забрана на касетната муниција три години пред нејзиниот краен рок – изјави Региналниот директор на Норвешка народна помош, Емил Јеремиќ.
Наведениот проект, согласно Одлуките на Владата на Република Македонија го реализираше Министерството за одбрана на Република Македонија со Невладината меѓународна организација „Норвешка народна помош“, со финансиска поддршка обезбедена од министерствата за надворешни работи на СР Германија и Кралството Норвешка.