Македонската женска репрезентација поразена 1:3 од Чешка

Македонската женска А репрезентација го одигра вториот натпревар од квалификацискиот циклус за светското првенство во Канада, 2015г. Против силната Чешка репрезентација македонските репрезентативки влегоа мотивирано и беа рамноправен противник. Натпреварот заврши со 1-3 во полза на гостите, но можеше многу лесно да се случи исходот да биде во наша корист.

„Натпреварот беше многу добар, со многу шанси и дуели. Ние дадовме сѐ од себе, но секогаш може и подобро. Нашата задача беше што погусто да играме и да ги фатиме на контра игра, во што успеавме и постигнавме гол. Првиот гол го примивме многу наивно, во последната секунда од првото полувреме. Влеговме мотивирани во натпреварот со цел да го поправиме лошиот впечаток од минатиот натпревар со Романија. Имавме и други шанси за гол, но не успеавме да ги искористиме. Се надевам дека на следниот натпревар со Естонија на 30.10.2013 г. ќе извојуваме победа и ќе ја надоградиме играта“ – изјави Гентијана Рочи, стрелецот на голот за Македонија.

„На натпреварот одигравме добро, но секогаш може и подобро. Многу се боревме и секоја од нас го даде својот максимум. Бевме добро мотивирани, имавме шанси за барем конечниот резултат да биде изедначен, но некако секогаш примаме наивни голови. На следниот натпревар против Естонија се надеваме дека ќе ја извојуваме и првата победа во овој циклу“ – изјави Наташа Андонова, капитен на Македонската репрезентација.

Македонската репрезентација настапи со следниот состав: Олгица Арсова, Драгана Костова, Анета Ѓорѓиева, Сијче Андонова, Стефани Скерлевска, Гентијана Рочи, Катерина Милеска, Накшије Кривањева (Сашка Кокаловска 89′), Наташа Андонова, Мартина Димоска (Александра Марковска 90′+2), Елена Наумоска.