Семинар за новите технологии во музејската дејност

Како се прифаќаат и применуваат новите технологии во работата на музеите е посветен стручниот семинар што денеска во Скопје го организира Форумот на словенските култури, со поддршка на Министерството за култура и на Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеи (ИКОМ).

Музејската дејност и археолошките истражувања чии наоди/артефакти стигнуваат во музејските витрини, во Македонија се негуваат во последните години. Тоа го потврдуваат неколку нови музеи, технолошки современи и во чекор со модерната музеологија, кои се и  многу  посетени.  Музејот на македонска борба има 100.000 посети за две години, од кои 25.000 биле странци, Музејот на Мајка Тереза примил 400.000 луѓе. Нови музеи се и Спомен-куќата на Тоше во Крушево и Аерхеолошкиот музеј во Скопје кој ќе биде отворен наскоро.

Мнистерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која од минатата година е и претседател на Управниот одбор на организацијата Форум на словенски култури, истакна дека темата на семинарот е многу значајна зашто следењето на новите технологии имаат огромен бенефит за музејската дејност.

„Со нив може да се привлечат и домашни, но и странски посетители. Како држава има со што да се пофалиме. Музејската дејност е нашиот идентитет, она што го поседуваме и на што сме горди. … Се потрудивме во сите музејски поставки да направиме нешто ново за да привлечеме што поголемо внимание, но и на музејската дејност да и дадеме една побогата едукативна функција за младата генерација да доаѓа во музеите и да може директно да се запознае со тоа што го изучува во образованието“, рече Канческа-Милевска.

Во контекст за едукативната мисија на музеите, таа посочи дека, согласно со Националната стратегија, во Музејот на Македонија ќе се формира посебен оддел за едукција на младите. – Музејот и досега тоа го правеше, но сега како посебна организациска единица ќе се посвети токму на едукација на младата популација, додаде министерката за култура.

Директорката на Форумот на словенските култури Андреја Рихтер рече дека на семинарот ќе се види што се новите технологии и дали се дел од секојдневната работа во музеите. И таа ја нагласи едукативната функција на музеите и важноста да  се посетуваат предавања, изложби и работилници уште на предучилишна возраст.

„Многу вложувате во наследството и во музеите, зашто тоа е битно за вашиот народ и идентитетот. Важно е како тоа ќе го презентирате и кои приказни ќе ги подготвите. Сега слушнав и за работата со деца. Музеите пред училиштето се многу важни установи во кои почнува образовниот процес. Поради тоа, понекогаш велиме дека музеите се образовни, а понекогаш дека се културни институции“, рече Рихтер.

Во Скопје лани се одржа прв семинар за музејската дејност кој беше посветен на проширувањето на традиционалната мисија на музеите. На денешниот семинар, кој треба да биде основа за партнерство меѓу музеите од регионот и размена на нивни искуства, ќе бидат договорени и активности за 2014 година, кога меѓународната организација Форум на словенските култури ќе одбележи 10 години постоење.