Советничката група на СДСМ ја напушти седницата на Советот на Општина Дебарца

Петте советници на СДСМ во Советот на Општина Дебарца, во знак на солидарност со Претседавачот на Советот на Општина Центар, Мирослав Шиповиќ, и колегите од општина Центар, ја напуштија и не присуствуваа на 8-та седница на Советот на Општината, која се одржа денес.

„СДСМ нема да дозволи Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ со институционално насилство да ја преземат контролата врз Општина Центар. По неуспехот со изборната тортура власта е во нов поход, преку монтирани политички процеси да ја поништат јасно изразената волја на граѓаните.

Единствениот грев на Претседателот на ОО на СДСМ Центар и Претседавач на Советот на Општината е што не попушти под заканите и притисоците на власта.

Бараме судот да ја укине мерката притвор за Мирослав Шиповиќ и да му дозволи да се брани од слобода. Судот да не ја користи мерката притвор како казна за Шиповиќ и за неговото семејство.

Ја повикуваме власта да престане со притисок судот однапред да му пресуди на Шиповиќ, а со тоа и на волјата на граѓаните во Центар“, – истакнуваат од ОО на СДСМ Дебарца.