Поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, секторот за внатрешни работи Охрид, против З.Р.(29) од Охрид и А.А. (32) од Струга поднесе кривична пријава.
Акцијата што СВР Охрид ја реализира на просторот на Самоиловите тврдини во Охрид, резултираше со пронаоѓање и одземање на 113 опаковки со опојна дрога хероин и две најлон кеси марихуана наменети за натамошна продажба на наркопазарот во Охрид и Струга. Дел од опаковките се пронајдени кај првопријавениот З.Р. кој близу 30 опаковки заедно со околу 22.ооо,оо денари ги сокрил во џебовите и долната облека. Останатите опаковки со хероин и марихуана, полициските службеници ги пронајдоа сокриени во sидините на Самоиловата тврдина како и во околните растенија и тревнати површини.
Првопријавениот З.Р. хероинот и марихуаната ги набавил во текот на минатиот месец по што, со намера да врши нивна натамошна продажба на наркозависници од Охрид и Струга, ги препакувал во помали количини, хероинот го измешал со други материи и ги завиткал во најлон кеси. Така подготвената дрога ја сокрил во зидините на Самоиловите тврдини од каде по претходен телефонски договор вршел продажба. Тоа го правел второпријавениот А.А. кој во текот на вчерашната акција е затекнат во продажба на хероинот на наркозависникот И.Д. (54) од Струга. Парите од препродажбата на хероинот веднаш му биле предавани на З.Р.
Слична препродажба на хероин била извршена и во текот на јули и август годинава во близина на една болница во Охрид.
Првопријавениот З.Р. е лице добро познат на службата против кого и досега биле поднесувани кривични пријави за вакви казнени дела. Во текот на вчерашниот ден тој е предаден во затворот во Охрид што е во согласност со решението за притвор од основниот суд Охрид за претходно сторено казнено дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.