Тодоров договори соработка со американскиот Национален Институт за здравство

Потпретседателот на Владата и министер за здравсто Никола Тодоров, за време на посетата на Вашингтон, се сретна со заменик-директорот на американскиот Национален Институт за здравство Фредерик Огнибене.

Тодоров и Огнибене договорија повеќе форми на соработка, како што е размена на доктори и професори и соработка на научни проекти.

„Разговаравме за можна соработка при едукацијата на нашите доктори, специјалисти и доктори на науки од областа на медицината во делот на истражување, себатикална година и тренинг. Но, зборувавме и за соработка во делот на меѓународни финансирани проекти на Националниот Институт овде и особено во делот за соработка со Пен центарот. Очекувам дека многу бргу ќе може наши доктори да доаѓаат тука, и исто така да доаѓаат доктори да бидат обучувани за оние специјалности за коишто сметаме дека има потреба за ваков вид на едукација“, рече Тодоров.

Огнибене додаде дека ова е добар почеток на идната соработка, која ќе вклучува можност за примена на нови терапии, и при дијагноза на ретки болести кај македонски пациенти.

Националниот Институт за здравство е една од водечките медицински установи во САД и функционира како истражувачки центар за голем број болести.