На 1 ноември 2013 година (петок), царинските инспектори од специјалната оперативна единица на граничниот премин Блаце при извршена контрола на товарно моторнo возило-комбе спречија обид за шверц на лекови.
Царинските инспектори при вршење на контрола на обиколницата околу Скопје во правец кон Тетово, на 01.11.2013 година околу 16:45 часот сопреа товарно возило-комбе со косовски регистарски ознаки управувано од косовски државјанин со иницијали А.Ѓ. Лицето започнало транзитна постапка за лекови наменети за фирма увозник од Косово, низ Република Македонија во 15:34 часот од граничниот премин Богородица кон граничниот премин Блаце. Првична контрола на комбето е извршена во царински склад во Скопје при што не се утврдени никакви неправилности, а потоа возилото е пломбирано и упатено кон граничниот премин Блаце. Временскиот интервал од три и пол часа за возилото да стигне од царинскиот склад во Скопје до граничниот премин Блаце бил индикатор за повторно да се изврши контрола на возилото кога се јави за завршување на царинската транзитна постапка на излез од Република Македонија. Овој пат утврдено е дека од возилото недостасуваат 28 пакети со лекови од вкупно пријавените 57 пакети.
Од спроведената предистражната постапка утврдено е дека осомничениот по претходен договор со неколку лица од Република Косово се договорил 28 пакети лекови кои ќе ги купи во Турција, да ги донесе до Република Македонија, а оттука со нивна помош истите да бидат извадени од товарното моторно возило, без оштетување на царинската пломба и да бидат претоварени во друго возило. Критичниот ден осомничениот пристигнал во непосредна близина на Тетово каде се сретнал со неколку лица државјани на Косово кои му помогнале да ги извадат лековите без оштетување на царинската пломба, ја отворил страничната десна врата, ги извадил пакетите со лекови и ги дал на лицата со кои претходно се договорил. Откако пакетите биле префрлени од едно во друго возило осомничениот се упатил кон Блаце. 80% од лековите кои требало да завршат на нашиот пазар не се регистрирани за продажба во Македонија, што е посебно опасно по здравјето на граѓаните. Се претпоставува дека станува збор за интернационална група на шверцери и ова не било прв пат на ваков начин да шверцуваат лекови во Македонија и Косово. Во продолжена акција во вечерните часови на 02.11.2013 година царинските инспектори во околината на Тетово во напуштен склад ги пронајдоа 28 – те пакети што требало да останат во државата и се привремено задржани. Во пакетите има вкупна количина од 6349 пакетчиња лекови (102 видови на таблети, инекции и масти) со фактурна вредност од 442.800 денари, а малопродажната цена би достигнала износ од околу 2,5 милиони денари.
Актуелниот градоначалник на Штип, г-дин Илчо Захариев, поранешен долгогодишен директор на Биро за лекови при Министерство за здравство, како експерт во оваа област истакна дека борбата на Царинската управа против шверцот со лекови е од исклучително значење за здравјето на луѓето. Во врска со запленетите лекарства истакна дека повеќето од нив се произведени од фирми кои не се регистрирани за продажба на нашиот пазар, покрај тоа несертифицирани и несоодвтено чувани и транспортирани лекови, како овие, може да доведат до штетни последици за здравјето на луѓето.
Против сторителот Царинската управа ќе поведе соодветна прекршочна постапка.