Промовиран романот „Децата од градот“ од авторката Евда Попоска

Во Прличевата одаја при НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид денес беше промовиран романот „Децата на градот“, од авторката Евда Попоска.

Евда Попоска е роднокраен автор, а во моментов живее и твори во Струга. Скоро целиот свој работен век го поминува во културата, долго време како библиотекарски работник, а потоа во Домот на културата во Струга чиј успешен раководител беше десетина години.

„Кога пишувам книги, задоволството е тоа што излегувам од секојдневието. Се внесувам во една фантазија, каде што сакам јас да се најдам. Кога ќе излезе тој текст од мојата душа сакам да се сретнам со вас и да ви ја понудам вам и да ви посакам притоа да ме запознаете мене, но претходно себе си, зошто овде сите личиме еден на друг. Сите имаме желби и еднакви предности падови. Сакам многу да пишувам, сакам многу да ја надоградувам македонската литература. Јас сум роднокраен автор пишувам и за Охрид и за Струга, но најмногу за Струга, затоа што таму пораснав и таму остарев“, – истакна авторката Попоска.

За нејзиното најново авторско дело „Децата на градот“ пред присутните се осврна охридскиот поет за деца и возрасни, Тоде Илиевски, посебно истакнувајќи ги посебните белези на творењето на авторката со роднокрајни мотиви.

„Младите во Струга можат да се проследат од најраните години, времето на училишните клупи, студиите и работата. Тие се здружени во детските игри при обврските во домот, на празниците и веселбите, но и на тажните настани во градот. Ги почитуваат вековните традиции, воспитани се и воспитуваат во духот на трудољубивоста и чесноста. Тие настојуваат да прават добри дела. Книгата е навистина нешто за почит и вистински пример за младите“, – рече Илиевски.

Попоска во современата македонска литература се појавува во 1992 година со романот „Филомена“ кој наиде на многу добар прием кај читателите и критиката, заради што доживеа и второ издание кое излезе во 1999 година. Седмата книга на авторката Евда Попоска, „Лушпа од кромид“, излезе во 2003 година. Истата може да се нарече и есеј и роман.

evda 2 evda 4 evda 5WebOhrid