Македонија и Кина имаат многу знaчаен потенцијал за динамизирање и интензивирање на економската соработка. Факт е и дека нашите билатерални односи не биле никогаш поинтензивни и поцврсти, изјави денеска министерот за надворешни работи Никола Попоски на дебатата на Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика за „Економската стратегија на НР Кина кон земјите на Централна и Источна Европа – можност за стратегиско партнерство со Република Македонија“.
Кина во последните години постојано се наоѓа на листата со кои Македонија остварува најголем обрт на трговска размена.
„Кина во 2012 година е седми најголем трговски партнер на Република Македонија, со размена која надминува половина милијарда долари, што е показател за нагорниот тренд во економските односи помеѓу двете земји“, вели тој.
Добрите можности за инвестирање во Македонија, посочи Попоски, може да бидат дополнителен повод за настап и инвестиции од кинески компании во Македонија за што сме подготвени да дадеме и конкретна поддршка. Но, не смее да се запостави ниту присуството на македонски компании на кинескиот пазар, од аспект на извоз на производи како вино и тутун. Соработката во иднина има сериозен потенцијал да се продлабочува во туризмот, градежништвото, инфраструктурата, енергетиката, медицината, земјоделството, исто така и во културата, научното истражување и образованието.
Македонија безрезервно ја поздравува и ја прифаќа кинеската Варшавска иницијатива 2012 за промовирање и зајакната соработка со Кина со 16 земји од Централна и Југоисточна Европа.
„Македонија е една од првите земји која од самиот почеток активно се посвети на изнаоѓање конкретни форми на реализација. Оттука договорено е искористување на кредитна линија преку кинеската Ексим банка за изградба на два значајни инфраструктурни проекти за автопатските делници Миладиновци-Штип и Кичево – Охрид, значаен дел од Коридорот 8“, изјави Попоски.
Македонија и Кина оваа година прославуваат 20 години од воспоставувањето дипломатски односи.
„Одлуката за отворање на Институтот Конфуцие во Скопје е уште една потврда за посветеноста на кинеската држава за продлабочување на меѓусебните односи“, вели шефот на дипломатијата.
Кинескиот амабсадор во Македонија Чуи Џивеи најави дека во ноември оваа година ќе се одржи вториот состанок на националните координатори на земјите од Варшавската иницијава.
„Македонскиот премиер ќе присуствува и ќе оствари средба со кинескиот премиер“, изјави Џувеи.
Форумот што денеска беше организиран, според него, покажува дека македонската Влада и дава големо значење на оваа соработка. Договорот со Ексим банката, според него, ќе биде потпишан до крајот на ноември. Многу кинески компании ја сметаат Македонија како мост кон Европа.
Кинескиот амбасадор побара олеснување на визниот режим за кинеските бизнисмени кои сакаат да дојдат во Македонија.
„Многу кинески компании се жалат дека мора да чекаат многу време за виза за Македонија. И постои компаративно висок процент на одбивања за патници од Кина. Се чини дека е потешко да добијат македонска отколку шенген виза“, вели кинескиот амбасадор. Додава дека постојат проблеми со транзитирањето преку аеродромите.
Македонскиот министер за надворешни работи изјави дека Македонија има визна либерализација, но мора да ги почитува правилата кои ги спроведуваат земјите од Шенген зоната.
„Иако не сме дел од неа, имаме визна либерализација. Можеме до максимум да го олесниме процесуирањето и постапката бидејќи во интерес ни е доаѓањето на кинески бизнисмени, но во рамки на правилата на Шенген зоната“, изјави Попоски.
Министерот без ресор задолжен за привлекување странски директни инвестиции Џери Наумоф посочи на поволните услови кои ги нуди Македонија за инвестирање во земјата и оти економска зона само за кинески компании ќе биде одлична можност каде што тие ќе можат да ги претстават своите производи во Европа и пошироко.
„Отворањето бизнис во Македонија има три важни предности и тоа нуди одлични олеснувања, квалитетна работна сила и одлична локација“, изјави Наумоф.