ММФ со позитивни согледувања за можностите за инвестирање во Македонија

Надворешната стабилност на Република Македонија и интересот за странски инвестиции во поедини економски и инфраструктурни области беа тема на разговор на средбата на министерот  за економија Ваљон Сарачини со шефот на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во Македонија, Ивана Владкова Холар.

Шефот на мисијата на ММФ истакна дека од контактите и разговорите што ги имале со некои од големите инвеститори, согледале дека странските инвеститори се задоволни од можностите за инвестирање што се нудат во Република Македонија.

„Важно е да се знае каков е односот на домашните снабдувачи со инвеститорите, бидејќи според нив, што поголемо користење на домашни услуги и домашни производи и опрема во нивното работење ќе придонесе повеќе да се фокусираат на користење на домашните потенцијали, кои несомнено ги задоволуваат потребните критериуми и стандарди. Воедно, инвеститорите истакнаа дека нивното учество во Република Македонија придонесува кон намалување на невработеноста, но клучно прашање на кое е битно да се работи е подобрување на патната инфраструктура, за поврзување на нивниот бизнис со регонот и пошироко“, рече Владкова Холар на средбата.

Министерот Сарачини информира дека Владата и Министерството за економија се насочени кон натамошно олеснување на постапките за инвестирање и спроведуваат реформи во трговската политика и во рударскиот сектор во насока на кратење рокови за доделување нови концесии и обнова на неактивираните рудници, како и за покуси рокови за добивање на дозволи за градба на енергетски капацитети.

Според министерот за економија, тоа го потврдува и новиот извештај на Doing Business за 2014, каде Република Македонија е на 25. место за водење бизнис и е 10-ти топ реформатор.

Што се однесува до прашањето за порастот на странски инвестиции, Сараќини информираше дека:

„До крајот на 2013 се очекува странските инвестиции да достигнат до 200-250 милиони евра, а за надминување на проблемите во работењето на инвеститорите кои се веќе присутни во Македонија, секој месец се одржуваат работни средби со нив, кои овозможуваат директен дијалог за нови проекти и предизвиците со кои се соочуваат при работењето. Ваква соработка е развиена со целиот бизнис сектор во Република Македонија, а континуираните средби со бизнис заедницата овозможуваат меѓусебно информирање за примена на прописите, за новите мерки и политики и за можностите за инкорпорирање на нивните барања во регулативата“, рече Сарачини.

Тој нагласи дека веќе е почната работата на патните коридори 8 и 10, но и на нови патишта, кои се дел од Програмата на Владата на Република Македонија до 2015 година.

„Во полн ек е реализацијата на проектите во енергетскиот сектор, како во делот на инфраструктурата, така и во производните капацитети“, посочи Сарачини.

Појасни дека покрај Стратегијата за развој на енергетиката на Република Македонија до 2030 година, во која се опфатени сите енергетски проекти, објавени и достапни за јавноста се и развојните и инвестициските планови на операторот на електропреносниот систем (МЕПСО) и операторот на електродистрибутивниот систем (ЕВН Македонија). Во однос на приклучувањето кон електричната мрежа, додаде, постојат мрежни правила во кои детално е изработена постапката за приклучување и трошоците за надоместок за приклучување кои се пресметуваат согласно методологија однапред одобрена од страна на Регулаторната комисија за енергетика.

„Во делот на снабдувањето со електрична енергија во наредниот период се очекува следниот чекор на отварање на пазарот на електрична енергија, при што потрошувачите самостојно ќе можат да изберат свој снабдувач со електрична енергија. Македонскиот електропреносен систем е добро воврзан со соседните системи, како што се Косово, Грција, Бугарија, а во текот на 2015 година се очекува да биде пуштен во употреба новиот 400 киловолтен интерконективен далекувод со Србија, додека во подготовка се активности за изградба на нови 400 киловолтни интерконективни далекуводи со Албанија и Косово. Во однос на малите хидроелектрични централи во досегашниот период доделени се 70 локации за изградба на мали хидроцентрали, што претставува инвестиција од 100-120 милиони евра“, истакна Сарачини.

Една од темите на разговор била поддршката на Владата на Република Македонија преку Македонската банка за поддршка на развојот за користење на кредитната транша од 100 милиони евра добиена од Европската инвестициска банка, која беше оценета како добра можност за малите и средни компании да се стекнат со поволни кредити наменети за инвестирање и извозот.

„Од последната транша веќе се искористени над 80 отсто, а до крај на годината се очекува одобрување на нова кредитна транша од ЕИБ од нови 100 милиони евра. За поцелисходно да се искористат средствата, а на барање на компаниите, Министерството за економија ќе излезе во пресрет на компаниите за подготовка на упатство за начинот на пополнување на апликацијата и која документација е потребна при доствавување на апликацијата во банката, се со цел да се олесни постапката за аплицирање“, рече министерот Сарачини.