УЈП: Ургенции и „покажување сила“ не ги спречуваат контролите на даночниците

Секојдневно во контролите на мобилните екипи на УЈП, се евидентираат случаи на навредување и попречување на даночниците да ги извршуваат службените должности, вклучувајќи и ургенции од локални моќници и вработени од УЈП за намалување на казните на бизниси кои се управувани од нивното семејство или пријатели.

Во општина Чашка, при контрола на фискализација кај даночен обврзник, повеќе лица се собрале надвор од објектот и гласно упатувале погрдни зборови. Со цел спречување на евентуални инциденти, доставена е пријава во МВР, при што е утврдено дека едно од лицата е висок полициски службеник. Случајот е пријавен во Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди на Министерството. Исто така, во Велес, сопственик на магацин за прехрамбени продукти се обидел да ја одолговлекува контролата за фискализација со цел “ургенција“ преку инспектор во УЈП, со кој бил во роднински врски и чиј син работел во магацинот.

Покрај во споменатите случаи, времена мерка затворање и парична глоба, изречена е за вкупно 58 објекти, и тоа: Тетово (26), Велешко (8), Куманово (10), Охрид (3), Вевчани (1), Битола (3) и Прилеп (5). Истовремено, во контролите затворени се и две “диви“ обложувалници во Струшко (Велешта и Радолишта), каде е одземена и целокупната опрема во објкетите.