Во присуство на претседателот на Советот на општина Охрид, Гордана Коњановска, директорите и претставници на општинските јавни претпријатија „Нискоградба“ и МЈП „Проаква“ и секретарот на Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското езеро, Дејан Пановски, унгарска делегација предводена од Томаш Бенсе од Секторот за отпадни води од Будимпешта ја промовираа идејата за решавање на проблемот во делот на отпадните води во општина Охрид, односно ревитализација на системот за одведување фекална канализација.
„Секогаш постои можност за унапредување на постоечките капацитети. Знаеме дека општина Охрид веќе има разработено студија за санација и реконструкција на колекторскиот систем на Охридското езеро, па со задоволство би се надоврзале на проектите од еколошко значење за градот“, – истакна Томаш Бенсе од Секторот за отпадни води од Будимпешта.
Задоволство од средбата и поддршката која и се дава на општина Охрид во делот на изработка на еколошки проекти кои се од интерес за градот ја истакна и претседателот на Советот на општина Охрид, Гордана Коњановска.
„Од огромно значење е интересот на унгарската делегација за решавање на проблемите кои произлегуваат од потребата за континуирана санација и рехабилитација на системот за одведување отпадни води во Охрид“, – рече Коњановска.
На средбата подетално беше разговарано за рехабилитација на системот како и активностите кои треба да се реализираат во делот на проширувањето на пречистителните станици на територијата на општина Охрид.