Свечено одбележан патронатот на ЦОУ „Дебрца“

Општина Дебарца како носител на настанот, Општинската организација на Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и на граѓаните продолжувачи во општините Охрид и Дебрца и ЦОУ „Дебрца“ од с.Белчишта, по повод јубилејот 70-годишнината од формирањето на првата МКНОУПБ во селото Сливово и патронатот на ЦОУ „Дебрца“ од село Белчишта денес организираа свечена прослава.

Патрониот празник се одбележа во просториите на ЦОУ „Дебрца“ со културно-уметничка програма изведена од учениците од училиштето.

На прославата пред присутните се обрати директорот на ЦОУ „Дебрца“ Иван Димоски.

„Денот на Основното училиште „Дебрца“ не значи само патронат на нашето училиште, туку и потсетување на светлото минато на борбената, непокорна Дебрца, потсетување на скапоцената слобода и на сите оние жртви кои паднале за неа.

Денес, кога долго време уживаме во таа слобода, со радост, но и со одговорност се грижиме за нашите потомци. Имајќи ја во предвид моменталната ситуација, светски кризи, транзициони процеси, сакам да се свртиме кон она што на сите ни е највредно – децата.“ – истакна Димоски.

Како што рече Димоски училиштето има цел да ги воспитува и образува сите дечиња во овој крај, за како што кажа, крај кој многу време бил маргинализиран и заборавен, за жал од своите.

„Во Основното училиште „Дебрца“ професионализмот кај вработените е потврден со безброј солидни, паметни и образовани ученици. Од нив произлегле силни адвокати, лекари, професори, судии, но и обични луѓе кои се дел од нашето секојдневие, наши соседи. За сите нив и за нашите сегашни ученици заеднички именител е чесноста, трудољубивоста и одговорноста кон себе и кон заедницата. Само така чесно и одговорно може да создадеме големи луѓе кои ќе ја креираат иднината, сопствената и иднината на Дебрца“. – додаде Димоски.

Од страна на директорот, на учениците им беа доделени награди за прво, второ и трето место на литературниот и ликовниот конкурс, додека пак на најуспешните наставници им беа доделени благодарници за долгогодишна и успешна работа.

На крајот од свечената прослава, директорот Димоски на највозрасниот наставник, кој предава математика, а кој заминува во пензија на крајот од оваа учебна година, му врачи пригоден подарок.

WebOhrid