Потпишани договорите за изградба на патните делници Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид

Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески,  заедно со Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија Владимир Пешевски и Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски и овластениот претставник на Кинеската компанија, изведувач, Sinohydro Corporation Limited, Yu Shichun, денес ги потпишаа Договорите за изградба нa патната делница Миладиновци-Штип и патната делница Кичево-Охрид, врз основа на Законот кој го донесе Собранието на Република Македонија на 74-та седница.

Согласно договорите, предвидено е изградба на  автопатот Миладиновци – Штип во должина од 53 километри и ширина од 29 метри, со по две коловозни ленти во двата правци и една дополнителна лента за застанување. Автопатот од Кичево до Охрид е во должина од 56.7 километри со широчина од 25.5 метри, со две автопатски ленти, дополнителна линија за запирање и зелен појас.

Вкупната вредност на инвестицијата согласно Договорите изнесува 580 милиони евра со можност од максимум 10% за дополнителни работи. Финансирањето во вредност од 90% преку е преку поволниот кредит од ЕХИМ банката и 10% од средства на Република Македонија обезбедени преку Јавното претпријатие за државни патишта.

Изведувачот ќе биде должен да ангажира подизведувачи со седиште во Република Македонија кои се регистрирани во Централниот регистар на Република Македонија пред 01.01.2012 година. Вредноста на работите кои ќе ги изведуваат подизведувачите е најмалку 49% од вкупната цена на договорите при што изведувачот ќе биде должен да користи подизведувачи, набавка на градежни материјали и други стоки и услуги кои се потребни за спроведување на договорите за изградба произведени и изработени во Република Македонија во износ од најмалку 49% од вкупната цена на договорите. Вкупниот број на вработени македонски граѓани што во било кој момент треба да бидат ангажирани од страна на изведувачите и подизведувачите треба да изнесува најмалку 51% од вкупниот број на ангажирани работници.

Градежните активности се очекува да започнат во првиот квартал на 2014 година. Изведувачот ќе биде задолжен да ги обезбеди сите потребни дозволи и сертификати согласно прописите за градење, просторно планирање, безбедност, животна средина, заштита на културно наследство и други прописи кои ќе имаат влијание за започнување на градежните активности. Изведувачот ќе обезбеди и  соодветни обуки на македонските работници кои би биле ангажирани на проектот.

Со овој проект се очекува да се постигне интензивирање и воедначување на економскиот развој на сите региони во Република Македонија, да се овозможат подобри услови за функционирање на деловните субјекти во регионите кои гравитираат кон автопатиштата, развој на туризмот и други директни придобивки за граѓаните кои ќе произлезат од намалување на времето за патување, зголемување на безбедноста во сообраќајот, намалување на трошоците за одржување на возилата.