УЈП доби информатичко форензичка лабораторија

Во Управата за јавни приходи (УЈП) од почетокот на следната година ќе функционира информатичко форензичка лабораторија, прва од таков вид во регионот.

Во лабораторијата, со опрема во вредност од 19 милиони денари, ќе се обработуваат податоци и документи за даночни обврзници каде дел од сметководството и финансиското работење се одвива преку дигитални уреди.

„Лабораторијата на УЈП во иднина ќе и помогне многу при откривање различни криминални дејства при затајување данок и други работи што се во нејзина надлежност“, изјави денеска премиерот Никола Груевски  по промоцијата на лабораторијата.

Управата, додаде, ќе има можност да прегледува документација и книжење на различни конта, софтверски, компјутерски, за случаи коишто се бришени и поништувани и каде што се водени двојни книговодства.

„Се дава голема можност во процесите на истрага над осомничени за криминал за даночни затајувања или за други видови криминал што се поврзани со законските обврски на УЈП“, рече Груевски.

Според него, македонската Управа за јавни приходи со отворањето на лабораторијата е чекор напред пред управите за јавни приходи во регионот коишто немаат таква опрема.

Директорот на УЈП Горан Трајковски истакна дека Управата со новата лабораторија испраќа порака дека има капацитет да се справи со потенцијалните затајувачи  на данок користејќи современи софистицирани форми на електронското работење.

„Исто така ќе ги забрза и редовните контроли од тој аспект, бидејќи електронски со помош на оваа опрема ќе ги преземаме податоците при контролата со што времетраењето и нашето присуство во компаниите ќе биде скратено“, изјави Трајковски.

Опремувањето и функционирањето на лабораторијата се базирани на искуствата на даночните администрации на Шведска и на Финска. До  почетокот со работа со полн капацитет на 1 јануари македонскиот тим форензичари се обучува во Обединетото кралство. Обуките ќе продолжат и  во тек на следната година, за што е постигнат начелен договор  за соработка со даночната администрација на Република Турција, со поддршка на Турската агенција за меѓународна соработка и развој (ТИКА).

Со средства од ТИКА се опремени целиот мебел на Генералниот даночен инспекторат и информатичката форензичка лабораторија. Тоа е втора донација на ТИКА за потребите на УЈП, а раководството најави продлжување и во следниот период.