Анкета: Граѓаните со позитивни оценки за Министерството за транспорт и врски

Според резултатите од неодамна спроведена анкета на Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС), 62,6 отсто од вкупно 1.107 испитани граѓани одговориле дека би го користеле повеќе железничкиот превоз по реализацијата на проектот за набавка на нови патнички вагони и рехабилитацијата и проширувањето на железничката мрежа, а 86,2 отсто го сметаат овој проект за оправдан, соопшти Министерството за транспорт и врски.

Според резултатите од анкетата за испитување на јавното мислење во однос на работењето на Министерството, повеќе од половина испитаници изразиле поддршка на проектите и активностите од областа на инфраструктурата и транспортот кои се актуелни и чија реализација е во тек.

Проектот за гасификација на Македонија 57,7 отсто од испитаниците го оцениле како многу важен, а 84 отсто се изразиле дека ги поддржуваат преземените мерки за воведување построга контрола за стабилноста при градењето на нови згради.

Според анкетираните граѓани, на прашањето кој автопат или магистрален патен правец е најважен да се направи или прошири, 31,3 отсто одговориле дека тоа е автопатот Кичево – Охрид, а 23 отсто дека тоа е автопатот Скопје – Свети Николе – Штип. Од испитаниците,  61,4 отсто сметаат дека Владата ќе ги реализира најавените проекти за нови автопати и магистрални патни правци.

Од вкупниот број анкетирани, 66,8 отсто се изјасниле позитивно на прашањето „Дали сметате дека се оправдани инвестициите на државата за градење на нови станови со цел да се намали цената на метар квадратен?“

Анкетата за потребите на Министерството за транспорт и врски  на цела територија на Република Македонија ја спроведе Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС) во периодот 7 – 9 ноември 2013 година и истата беше анонимна и телефонска, на репрезентативен примерок од  1.107 испитаници.

Добиените резултати даваат позитивни индикатори во однос на поддршката на работењето на Министерството за транспорт и врски од страна на граѓаните. Анкетата е реализирана со цел испитување на јавното мислење во однос на проектите и активностите кои ги презема Министерството и интерно евалуирање на истите, стои во соопштението.