Агенцијата за храна и ветeринарство им излезе во пресрет на операторите со храна и одговори на нивните барања за намалување на трошоците при увоз на храна, поставени во рамки на одржаните „Отворени денови на Агенцијата за храна и ветеринарство” кои се однесуваат на измена на постоечкото решение за задолжително испитување на Listeria monocytogenes. Врз основа на новото решение, кое почна да се применува од 8 овој месец, во насока на намалување на финансиските трошоци на операторите со храна и задржување и одржување на императивот – безбедна храна од увоз, задолжителното лабораториско испитување на присуство на Listeria monocytogenes на пратките кои потекнуваат од трети земји, се врши со претходно групирање на производите по вид на производ, тип на обработка и по објект од кој потекнуваат.
Мострата за лабораториско испитување, од страна на официјалниот ветеринар или инспекторот за храна се зема од производот кој е количински најмногу застапен.
Целокупната количина на производите не смее да се пушти во промет се до добивање на резултатите од извршените лабораториски испитувања со кои се потврдува безбедноста.
Како одговорна институција за безбедноста на храната и во иднина, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе ги следи потребите, барањата и правата на потрошувачите и операторите со храна, со единствена цел – обезбедување на безбедна храна, преку намалување на административните процедури и финансиските трошоци на сите вклучени во синџирот на безбедноста на храната.