На соопштението од ВМРО – Народна партија, во врска со работата на Советот на градски татковци, Општина Охрид излезе со реакција во која стои:
„Патетични се обвинувањата на ВМРО-НП од Охрид, за наводен маркетиншки карактер на општинскиот Совет на Градски Татковци. Локалниот Економски Совет или Советот на Градски Таковци е екпертско советодавно тело формирано од страна на Градоначалникот Никола Бакрачески кое има функција на разгледување и давање предлози во насока на зголемување и подобрување на економската, социјалната и финансиската состојба на општина Охрид, која пред доаѓањето на оваа локална власт беше драматично влошена. Заради експертскиот ниво на членовите на ова тело, координацијата со Градоначалникот Никола Бакрачески за важни теми од функционирањето на општината е секојдневно.
Состаноците и средбите на ова тело се континуирани и во зависност од евидентираните приоритети се донесуваат заклучоци за натамошните чекори, кои понатака се процесуираат и спроведуваат. Токму од Советот на Градски татковци произлезе иницијативата и операционализацијата за поддршка на Ракометниот Клуб “Охрид 2011”, финансиска поддршка на “Охридскиот пливачки маратон”, подобрувањето на понудата и корегирање на цените во хотелско-угостителските објекти во Охрид, изнаоѓање на модалитети на подобрување на високото образование. На ова советодавно економско тело се разгледуваше и се дискутираше иницијативата за изградба на ски-центар на Галичица. Следните теми ќе бидат повторно актуелни прашања за економскиот развој на општината, изградба на индустриска зона, производни капацитети и привлекување на странски инвестиции. Тоа се теми кои се разгледуваат и се носат заклучоци во Локалниот Економски Совет, а кои се во интерес на развојот на градот и подобрување на економските поерформанси на заедницата. Секое друго обвинување на оваа тема, го препознаваме само како нечиј обид за реализација на дневно-политичка агенда.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.