СМС за успехот и редовноста на учениците испратени до 143 илјади броеви

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски ги повика родителите на ученици да достават броеви од мобилни телефони или електронски адреси до матичните училишта, за да може да добиваат информации за успехот и редовноста на нивните деца.

МОН ја воведе услугата СМС-порака преку трите мобилни оператори во понеделникот и, како што информираше Ристовски, за неколку дена има успешен тек.

„Одлично се одвива целиот процес, СМС-пораки се  дистрибуирани   до повеќе од 143 илјади броеви, а и известувања по имејл-адреси. Задоволството на родителите е евидентно и до нас  стигнуват позитивни информации.  Апелирам до родителите кои се уште немаат доставени броеви, а сакаат, тоа да го направат во матичните училишта и внимателно да ги наведат броевите зашто констатиравме и неточни“, рече Ристовски и додаде дека може да  наведат и доколку сакаат известувањата да им стигнуваат на мајчиниот јазик  на ученикот.

На вчерашните ветувања на претседателот на СДСМ Зоран Заев  за мерките што ќе ги преземат во образованието ако ја добијат власта, меѓу кои и дека ќе го укинат екстерното тестирање, Ристовски рече дека не би ги коментирал како мерки, туку како обиди за печалење политички поени.

„За мене е жално кога најголемата опозициска партија, која се обидува да ја преземе власта, не понудува мерки за развој на образованието, туку и понатаму продолжуваат со своите деструктивни определби и декларативни признанија за она за што тие ценат дека ќе им донесе извесни политички поени. Тотална грешка е предлогот на СДСМ за укинување на екстерното. Ако тоа не е добар систем на оценување и верификување на знаењето, немаше сите земји во Европската унија да го имаат имплементирано. Жалосен е потсмевот со кој говорат и за математиката. Во таа партија има многу инженери, луѓе кои знаат што значи математиката, и сметам дека со нив треба да се консултираат“, изјави Ристовски.

Министерот информираше и дека претпријатието „Македонски шуми“ вчера доставило два камиона со огревно дрво за греење  во двете училишта во Агино Село во Куманово, каде што учениците имаа настава во студени училници.

Тој нагласи дека МОН редовно ги сервисира своите обврски со дотациите кон општините, а немањето греење во двете училишта во Агино Село смета дека е неодговорност на градоначалникот на Куманово.

„Се склучува договор меѓу општината и „Македонски шуми“, кое во целост ќе ги сервисира потребите на училиштата и децата ќе добијат затоплени простории“, изјави Ристовски за медиумите, по обраќањето на 63-годишнината од Економскиот факултет на УКИМ.