Во врска со денешната прес-конференција на ВМРО-Народна партија, на која беше претставен Проектот за селектирање на отпадот од домаќинствата, со реакција излезе Општина Охрид во која стои:
„Општина Охрид смета дека е некоректно, една катастрофално поразена политичка опција на последните локални избори, да дели лекции или проекти за работа на општината Охрид и на Градоначалникот Бакрачески. Се сомневаме во капацитетот, стручноста и искрените мотиви на ВМРО-НП, за било кој нивен предлог или сугестија, а посебно за конкретна реализација на некој проект.
Доколку искрено сакале да реализираат нешто, имаа можност без никаков проблем тоа да го направат во 8 годишниот период, додека практикуваа власт во општината Охрид.
Програмата која им беше понудена на граѓаните на Охрид на последните локални избори од страна на Градоначалникот Никола Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ и за која е добиена огромна поддршка, е обврска која етапно и во согласност со предвидената динамика веќе се реализира. Градоначалникот Бакрачески и локалната самоуправа прифаќаат и други идеи и предлози од граѓаните на Охрид, кои доколку овозможуваат финансиските перформанси на општината би можеле да се реализираат. Но, сметаме дека е крајно иронично тие предлози да произлегуваат од оние кои долгорочно ги намалија финансиските и материјални капацитети на општината, создавајќи енормни долгови на општина Охрид.
Доколку лицата од Народна сакаат да се запознаат со планираните проекти во општина Охрид, поконкретно со делот за енергетска ефикасност и третирање на комуналниот отпад, како и тајмингот за имплементација и средствата кои ќе бидат потрошени, можат во секој момент да побараат примерок од Програмата и од општинските служби веднаш ќе го добијат. Тогаш точно ќе имаат увид во проектите кои ги избраа граѓаните за реализација во 4 годишниот период.
Им препорачуваме, нивните идеи, планови и проекти да ги зачуваат за некои нови програми за избори, да им ги понудат на граѓаните и да очекуваат граѓаните да ги прифатат. Тогаш ќе можат да се насочат на нивна реализација.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.