„Домашна визита“ е новиот проект на Министерството за здравство, кој почнува од денес. Проектот се состои од превентивни здравствени прегледи на повеќе од девет илијади стари лица во нивните домови, за што се ангажирани 340 патронажни сестри, кои работат во здравствените домови.
Проектот, како што информира на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров, ќе се одвива низ цела Македонија, во 652 населени места распределени во 84 општини. Симболично ќе почне пред Неделата на грижа за стари лица, од 18 до 24 ноември.
„Ова е моќна јавно – здравствена мерка, препорачана од Светската здравствена организација, која во ист миг ќе овозможи грижа и превенција за пацинетите“, нагласи Тодоров.
Појасни дека сестрите секојдневно, во точно утврден термин ќе имаат обврска за посета на стари, изнемоштени лица, лица со хронични болести, кои се избрани според дијагнозите евидентирани во националниот електронски систем „Мој термин“. Акцент ќе биде ставен на лица со кардиоваскуларни заболувања, хронични респираторни заболувања, дијабетес и други хронични заболувања. Патронажните сестри во домовите, како што рече, ќе вршат определени прегледи, мерење крвен притисок, шеќер во крвта, хемоглобин, холестерол, а во определени случаи и ЕКГ прегледи.
„Во следните два месеци ќе бидат посетени 9.110 лица, од кои 5.794 пациенти боледуваат од тип 2 дијабетес мелитус, 2.747 пациенти боледуваат од тип 1 дијабетес мелитус и 569 пациенти боледуваат од астма. Се посетуваат пациенти постари од 60 години“, рече Тодоров.
Секој патронажен тим ќе има дневен распоред, со име и презиме на пациентот, адреса, контакт телефон, дијагноза и основни податоци од неговата медицинска историја. За секоја посета предвиден е посебен евидентен лист.
Предвидено е посетите да се извршат за 1,5 до 2 месеца, а во некои региони и побрзо. Приближно една посета ќе трае околу половина час и тимовите ќе имаат обврска да посетуваат секојдневно од четири до пет домови.
Проектот „Домашна визита“ ќе продолжи и во наредниот период, согласно потребите на граѓаните, постепено опфаќајќи и други категории граѓани, кои ќе бидат дел од новите акции за превентивна здравствена заштита на населението.