Македонија домаќин на Европско првенство до 16 години, градот-домаќин не е познат

Добрата организација на младинските континентални собири во изминатите години и постојаното унапредување на условите од година во година, допринесоа ФИБА Европа да и додели на Македонија домаќинство на младинско Европско Првенство и во летото 2014 година. По 2011 година, кога машкото Првенство до 16 години (Б дивизија) се одржа во Струмица, сега повторно истото Првенство ќе биде организирано во нашата земја.

Европското Првенство до 16 години (Б дивизија) е предвидено да се одржи од 20 до 30 август 2014 година, а иако е веќе познато дека шампионатот ќе се одржува во Македонија, градот-домаќин ќе биде официјално претставен во јануари. Ќе настапат 22 репрезентации, меѓу кои и Македонија, која во генерацијата 1998/99 располага со повеќе талентирани кошаркари, кои на Првенството ќе ја имаат поддршката од домашната публика во походот кон највисоките места.

Македонија во минатите години се покажа како добар организатор на овие континентални младински собири, кои ги организираше во повеќе градови во државата, како во машка, така и во женска конкуренција, за што повеќепати добиваше пофалби од ФИБА Европа. Таа добра организација и постојаното унапредување на условите од година во година, одиграа клучна улога во доделувањето на домаќинството од страна на ФИБА Европа и во наредното лето. Минатата година, нашата земја беше домаќин на Европско првенство до 18 години (Б Дивизија) кое се одржа во Струмица.