СДСМ: Општина Дебрца со најнетранспарентен буџетски процес

Општинската организација на СДСМ Дебрца испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Центарот за економски анализи (http://cea.org.mk) деновиве ги објави наодите од проектното истражување на степенот на транспарентност на буџетскиот процес и отчетноста при трошењето на јавните средства кај општините во Република Македонија. Во истражувањето се опфатени сите општини во Република Македонија, распоредени во осумте плански региони.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека во рамките на Југозападниот плански регион, за фискалната 2016 година општина Дебрца, заедно со општина Центар Жупа се најнетранспарентните општини во поглед на буџетскиот процес и отчетноста при трошењето на јавните средства, со освоени 4 бодови од максималните 16.

Ваквиот резултат во однос на општина Дебрца не е никакво изненадување ако се имаат во предвид неколкуте основни карактеристики на буџетскиот процес и отчетноста на општина Дебрца во изминативе години, како што се: отсуството на редовни консултации пред донесување на предлог буџетите и мерење на потребите и приоритетите на граѓаните пред да се достави нацрт буџетот до Советот; предлог буџетот на општината не е достапен за граѓаните, со што се оневозможени активно да учествуваат во процесот на носење на буџетот; усвоениот буџет на општината, кварталните извештаи, завршната сметка и годишниот извештај не се објавуваат на општинската веб страница.

Имајќи во предвид дека Буџетот е најмоќен инструмент за да се задоволат потребите и приоритетите на општината и нејзините граѓани, по локалните избори и смената на актуелната локална власт ќе ставиме крај на ваквите нетранспарентни практики.

Ќе создадеме претпоставки за максимална вклученост на граѓаните, месните заедници, граѓанските здруженија, бизнис секторот и различните целни групи на граѓани во процесот на утврдувањето на локалните приоритети на општината, планирање и усвојување на буџетот на општината. Буџетот на општината ќе биде по мерка на граѓаните и ќе се носи во транспарентна постапка, во две фази.

Буџетот и завршната сметка на општината редовно ќе бидат објавувани во електронска форма на општинскиот веб портал, а во писмена форма ќе бидат доставувани до месните заедници и граѓаните.

На општинскиот веб портал ќе се објавуваат месечни финансиски извештаи за работењето на општината, преку кои граѓаните ќе се информираат за што, колку и каде се трошат нивните пари.“ – стои во соопштението од СДСМ Дебрца.