Времето пред Нова година е добра временска постојка за да застанеме, да одмориме и да се прашаме како што би рекол Мисирков „шчо напраифме и шчо требит да напраиме за однапред“.
Секој од нас на крајот на годината ги сумира своите резултати и ефекти од планираното и реализираното….
Некој со големи планови и големи приноси, некој за жал не… но тоа е тоа… постојат и разни фактори на влијанија… кај секој од нас различни… Ние се прошетавме меѓу охриѓани и меѓу оние со помали и со покрупни планови…
2013 е зад нас. По што ќе ја паметите? Колку беше успешна и што очекувате во 2014? Која е вашата порака до охриѓани (и до сите Македонци)? Вака ги запрашавме градоначалниците на Општина Охрид и Општина Дебарца, советници на Советот на Општина Охрид, директори на јавни претпријатија, како и директори на основни училишта во Охрид. Од дел од нив успеавме да добиеме одговор, од дел не… како и да е, еве ги следните одговори:
Никола Бакрачески (градоначалник на Општина Охрид) „Почитувани, во годината која изминува Охрид беше соочен со сериозни предизвици кои требаше да се надминат. Отпочнавме суштински зафати, ги согледавме сите можности кои ни беа на располагање и со многу труд, одрекнување и посветеност ги реализиравме зацртаните проекти. Тоа им го должиме на нашите граѓани кои ни ја дадоа довербата за да го направиме Охрид успешна приказна со која сите ние ќе се гордееме. Во Новата 2014 година, влегуваме со нова енергија, посветено да ги реализираме предвидените проекти кои за Охрид и нашите граѓани ќе значат подобри животни услови, поголеми можности за економски развој на општината и на секој поединечно. Јас како градоначалник и Локалната самоуправа не можеме веднаш да ги решиме сите проблеми кои се таложеле со години, ниту пак на секој наш граѓанин ќе му ги задоволиме сите негови потреби, но ветувам дека ќе дадам се од себе и ќе ги ангажирам сите ресурси со кои располага Охрид за во овој град да продолжи започнатиот процес на воведување на нови стандарди и нови вредности во неговиот развој. Во 2014 година посакувам да сте посреќни, поуспешни, во реализација на оние планови кои не успеавте да ги завршите во 2013 година. Ви посакувам среќна и успешна 2014 година. Вашите домови нека се исполнат со радост и среќа, а вашите срца со топлина и љубов, и не само во овие празнични мигови, туку среќата и успехот нека ве пратат цел живот!“
Игор Трајкоски (градоначалник на Општина Дебарца) „Почитувани, најнапред дозволете ми да ви се заблагодарам за поддршката која ми ја дававте во изминатиов период пред се при реализација на бројните проекти кои заеднички успеавме да ги реализиравме за многу краток период. Тие проекти произлегуваат од вашите секојдневни потреби кои се битни за секојдневното нормално функционирање. Изминатава 2013 година беа реализирани многу проекти кои ви ги ветив во изборната програма, претстојната 2014 година ќе биде година каде што општина Дебарца ќе се издигнува во сите сфери како на економски, културен, спортски, образовен и туристички план… Затоа мои пријатели, истомисленици и неистомисленици, дозволете да ви посакам многу здравје, среќа и успех во новата 2014 година. Нека ни се среќни и весели новогодишните и божиќните празници!!!“
Сашо Донев (директор на ЈП „Нискоградба“) „Пред точно една година Македонија беше ставена пред еден голем испит, испит на нејзината зрелост да одговори на предизвиците наметнати од внатрешни деструктивни сили. Македонија го положи тој тест, ја одбрани демократијата и се спротистави на обидот за рушење на легалните државни институции и волјата на народот. Со оваа победа зачекоривме во новата 2013-та година. Со пролетта дајдоа локалните избори. Заедно работевме за на Охрид да му донесеме промени, градот да добие локална власт со визија, локална власт на која приоритет ќе и бидат младите. Охрид доби кандидат за градоначалник каков што можеше само да посака, професионалец, работник, храбар и млад човек полн со енергија и оптимизам, и најважно од се визионер за подобар Охрид. Охриѓани го препознаа квалитетот и во огромен број незапамтен во досегашната историја на локални избори гласот го дадоа за градоначалникот д-р Никола Бакрачески и советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери. Минатата година за мене беше едно големо животно искуство, плод на долга и напорна работа која беше препознаена и вреднувана. Во наредната 2014-та година влегуваме со голем ентузијазам, во искрена и непоштедна работа заедно со сите граѓани на Охрид, кон нови дела и успеси за нашиот град. Сигурен сум дека заедно со Вас и под водство на градскиот татко градоначалникот д-р Никола Бакрачески, ќе успееме на Охрид да му го вратиме сјајот кој го заслужува. Ќе се бориме за подобро утре за сите нас, борбата ќе биде мачна и долга, товарот е огромен, но нема откажување. Охрид полека се буди. Плоштадот е полн со детска смеа и радост. Нека оваа година има повеќе бракови од минатата, Охрид ќе оди по правиот пат, патот на младоста и животот. Со душевен мир и силата божја, кон идните предизвици. Среќни празници, да ни е вечен Охрид и Република Македонија.“
Томислав Тунтев (советник, претседател на СДСМ Охрид) „На личен план, можам да ги издвојам следните случувања и настани, кои ја одбележаа 2013 година: – Полуматурата на мојата ќерка и нејзиното прогласување за Првенец на генерацијата во ОУ „Св. Климент Охридски“; – Издавањето и промоцијата на мојот роман „Светиот завет“; – Моето учество во својство на предавач на престижната Меѓународна летна школа „Економијата во воздушниот сообраќај“ на Сообраќајниот факултет во Белград; – Моето именување и избор за Претседател на ОО на СДСМ Охрид; – Мојот повторен избор за член на Советот на Општина Охрид во втор мандат и Координатор на опозиционата советничка група. Во локални рамки, на професионален, општествен и политички план, 2013 година ќе ја паметам, по добро или по лошо, по следните настани: – Зголемување на физичкиот обем на сообраќајот на Аеродром Охрид во споредба со 2012 година, и тоа: пораст на бројот на превезени патници за 7% и пораст на бројот на операции на воздухоплови за 23%; – Концертите на британскиот гудачки квартет „Бонд“ и српскиот хор „Вива Вокс“ на 53-тото издание на фестивалот „Охридско лето“; – Промена на локалната власт во Охрид по локалните избори во март; – Непродолжување на договорите за работен ангажман и отстранување на повеќе од 60 стручни и искусни лица од наставно-образовниот систем на Општина Охрид на првиот ден од новата учебна година; – Градежните зафати и инфраструктурната армирано-бетонска узурпација на Плаошник; – Случувањата поврзани со манастирскиот комплекс „Св. Наум“ во однос на сопственоста на земјиштето и во однос на најавите за мегаломанскиот проект на Субрата Рој за изградба на туристичко – хотелски комплекс. Во глобални рамки, 2013 година кај мене ќе остане запаметена по следните настани и случувања: – Оставката на папата Бенедикт XVI и изборот на аргентинскиот кардинал Берголјо за 266-ти папа под името Францис, како прв езуитски папа и прв папа од јужната хемисфера; – Заклетвата на Претседателот на САД Барак Обама за својот втор мандат; – Раѓањето на британското кралско бебе на прнцот Вилијам и војвотката Кејт; – Спортските шампионски победи: Шпанија на светското ракометно првенство, Франција на европскиот кошаркарски шампионат и Баерн во Лигата на шампиони на УЕФА; – Експлозијата на бомба на тркачкиот маратон во Бостон; – Политичките превирања, нереди и воени судири во Сирија, Египет и Украина; – Одбележување на 50 годишнината од смртта на Кенеди; – Смртта на славните светски политичари Маргарет Тачер, Нелсон Мендела и Тадеуш Мазовјецки, како и на славните естрадни ѕвезди Лу Рид, Џејмс Гандлофини и Пол Вокер. Моите желби и очекувања за 2014 година: – здравје, среќа, мир и спокој за сите наши сограѓани; – да престане масовното иселување на млади стручни кадри од нашата држава; – конечно да почнат да се движат работите во позитивна насока за подигнување на економската моќ и стандардот на живеење на граѓаните; – помалку новинари во притвор и повеќе слободни медиуми; – помалку монтирани политички судења и поголема демократизација на општеството; – помалку инвестиции за споменици, повеќе инвестиции за луѓето; – помал атак врз нашите духовни, културни и традиционални вредности и поголема почит и развиена свест кон нашето природно, историско и културно наследство; – помалку политика во нашите животи, повеќе љубов, толеранција и меѓусебно разбирање. Mојата порака до сите наши граѓани: тоа што Ви беше најдобро во 2013 година да Ви биде најмалку добро во 2014 година!“
Дејан Пановски (советник, македонски претставник на Билатералниот секретаријат за сливот на Охридското Езеро) „13-ката ќе ми остане како среќна бројка заради фактот што ги обезбедивме важните регионални проекти како што се Дримскиот, Биосферниот резерват и УНЕСКО. Тоа е голема придобивка за регионот и заштитата на Езерата воопшто. На политички план победата на локалните избори во Охрид е најзначајниот момент кој следеше после голема неколкугодишна политичка битка. Во 2014 очекувам имплементација на споменатите активности за заштита на природните ресурси и уште една политичка победа. Имам една порака до сограѓаните: бидете со позитивна енергија, отворено дискутирајте и придонесете за подобра иднина. Нека е среќна 14-ката!“
Јоне Станковски (советник) „За жал не е година која има нешто многу позитивно за паметење, година во која се продлабочи финансиската криза во Македонија, година во која Охрид стана рекордер на невработеност, година во која трендот на иселување на младите од Охрид продолжи со засилено темпо, година во која за прв пат охридскиот пливачки маратон не го организираа охриѓани туку ни го организираа скопјани, добро е што ја попраќаме оваа година со надеж дека 2014 година ќе биде пореспективна и година во која младите ќе ја пронајдат својата перспектива овде, дома, а не да ја бараат својата иднина надвор. Среќна Нова година и среќен Божик на сите мои сограѓани!“
Климе Шешоски (советник) „Можам да кажам дека 2013 година беше година која охриѓани ќе ја паметат големата победа на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот д-р Никола Бакрачески. Успешна година и во бизнисот. Успешно завршена година со позитивна сметка и нови производи (камин на пелети во комбинација со електричен котел и бренер на пелети). Во приватниот живот среќен со фамилијата. Ќерката магистрира на Економскиот маркетинг, додека пак синот кој е асистент на Машинскиот факултет во Скопје го спрема докторатот. За Нова Година сме на Попова Шапка. 2014 очекувам да биде поуспешна од 2013 година како во бизнисот, така и во политиката. Конечно и во Општината ќе почне да се работи со ентузијазам и мислам дека резултатите нема да изостанат. Јас сум по природа голем оптимист и верувам дека со градоначалникот ќе успееме да го направиме Охрид пристојно место за живеење за сите возрасти. Нека Новата година ни донесе на сите нас среќа, здравје и успех на сите полиња.“
Дејан Блажески (советник, претседател на ЛДП) „Ќе ја паметам по една исклучително тешка битка за правда, демократија и борба за подобро утре. Граѓаните ги препознаваат емоциите (кои се луксуз во политика), искреноста, писмениот пристап. Верувам дека борбата продолжува, јас нити сакам нити пак ќе прифатам да живеам во држава во која се иселуваат млади луѓе, во град во кој изумира енергијата и духот. Мојата порака до граѓаните е следна: мојата мисија е да ја оправдам довербата и опозициската битка., истовремено им посакувам помалку политика, а повеќе радост, здравје и да не ги напушта желбата за подобро утре.“
Јованка Точко (советник) „Годинава што изминува ќе ја паметам по многу нешта како на политички така и на приватен план. За голем личен успех го сметам мојот ангажман на политички план како советник од ВМРО-ДПМНЕ во советот на град Охрид, каде ги застапувам и се борам за интересите на моите сограѓани со реализацијата на многубројните проекти, бидејќи сметам дека Охрид треба да биде водечки туристички град во регионов. Приватно за успех ги сметам поддршката и помошта на мојата фамилија за достигнувањата во моите активности како политички така и на професионален план. Во 2014 најголема желба ми е да ги исполнам ветувањата на моите сограѓани за што се заложив, да ги имплеменираме реформите и проектите со кои ќе се подигне квалитетот на животот на охриѓани преку целата година и конечно Охрид да го добие она што го заслужува, да е град лидер во културно живеење. На моите сограѓани и на граѓаните во Република Македонија во новата 2014 исто така им посакувам што и себе си, здравје и успех во работата, среќа, љубов и спокојство во семејствата, надминување на поделбите, подобри денови… Тоа секако не зависи од нашите желби туку од нашата борба да ги оствариме желбите, посакувам да станеме посвесни за одговорноста што ја имаме кон градот во кој сме се родиле, живееме, а живеат и ќе живеат наште деца. На сите граѓани во Република Македонија им посакувам Среќна 2014 година.“
Жаклина Лазаревска (советник) „Зад нас е 2013 година. Ќе ја паметам по големата сиромаштија, нискиот животен стандард на граѓаните, големите задолжувања на државата, но и големи ветувања за подобар живот на граѓаните од страна на власта. Оваа година за прв пат се спроведе екстерно тестирање на учениците што по мене е најнеправедно девалвирање на целогодишниот труд и активности на учениците и наставниот кадар. 2013 е година на смена на власта на локално ниво и мој ангажман како советник во Советот на Општина Охрид, но и година на моја лична среќа и семеен успех – дипломирањето на мојот постар син, здравје, семејна љубов и меѓусебно разбирање. Моја порака пред се’ е да ги заборавиме лошите моменти од 2013 година и во идната 2014 година да се фокусираме на изнаоѓање начин за подобрување на нашиот и животот на граѓаните. Без разлика на пол, род, национална и политичка припадност, да дадеме максимум од себе во креирање на подобра клима за живеење во нашиов убав град. Да ги задржиме младите во Охрид и сите граѓани да ги направиме посреќни и поуспешни. Нека ни е среќна и бериќетна Новата 2014 година! Нека биде година на здравје, љубов, меѓусебно уважување, подобар и поквалитетен живот на нашите граѓани.“
Тони Симоновски (директор на ОУ „Христо Узунов“) „Настани: Отворањето на Македонскиот Народен Театар. Конечно како држава да добиеме соодветно место за презентирање на театарската уметност. Заминувањето на Перо Антиќ во Аталанта како прв Македонец кој заиграл во најсилната кошаркарска лига во светот НБА. Секако локалните избори и победата на г-динот Никола Бакрачески со што Охрид доби нова димензија за напредок, но и решавање на наталожените проблеми. За мене 2013 година помина со доста обврски на професионален план, работа на проекти и во втората половина како прв човек на ОУ „Христо Узунов“ секако санирање на простории, набавка на нагледни средства. Потоа афирмација на училиштето на меѓународен и домашен план. Со гордост можам да кажам дека прераснувањето како колектив кој е значајна клетка во воспитно-образовниот процес во нашата држава. Во 2014 очекувам реализација на повеќе проекти од витално значење на нашето училиште, сестран развој на Охрид и напредок на Македонија на економски план. Во 2014 пред се на сите сограѓани и граѓани на нашата татковина им посакувам многу здравје, лична среќа и исполнети желби.“
Никола Митровиќ (историчар, инспектор во Државниот архив Охрид) „Изминатава година и покрај одредени приватни успеси и реализирани проекти од областа на историјата пред се ќе ја запаметам по историската победа на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во Охрид. Тоа е нешто што граѓаните го посакуваа и конечно добија Локална самоуправа предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Токму тука се моите очекувања во 2014 година, да се направи полесно секојдневието на што повеќе жители на овој наш прекрасен град. Како порака до моите сограѓани би укажал дека сите ние треба да правиме добри нешта за нашиот град, сите ние сме дел од него и треба да ја негуваме неговата историја (минато),сегашниот момент на нашето живеење но секако и иднината на нашиот Охрид. Нека биде среќна Новата 2014 година бидејќи споделена среќа е поголема среќа.“
Сашо Точков (претседател на Црвен крст Охрид) „Годинава што изминува ќе ја препознавам и спакувам во папката на успешна година, како на мојот професионален план, така и во мојот волонтерски ангажман во Црвен крст Охрид. На професионален план би го истакнал акредитирањето на лабораториите во Центар за јавно здравје во Охрид. Ангажманот во Црвен крст Охрид беше исполнет со многу содржини и настани, и генерално можам да кажам дека сум горд на волонтерите чиј број значително се зголеми во 2013, но и на нивниот квалитет и посветеност на мисијата на нашето хуманитарно движење. Во 2014 година очекувам исполнување на зацртаните планови и програми во мојот професионален и волонтерски ангажман, но и подобрување на условите на живот на сите охриѓани. Пораката до моите сограѓани е дека за добрина секој ден е добар ден, да останат хумани, да го пронајдат волонтерот во себе и да пружат рака на добрина и помош на оние на кои им е потребна.“
WebOhrid