Концертот на Артуро Сандовал од САД презакажан за вечерва

Од фестивалот „Охридско лето“ информираат дека концертот на Артуро Сандовал кој синоќа за жал беше откажан поради невремето кое го зафати Охрид, е презакажан за денес (7-ми август 2016) и ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.

„Имено, бидејќи капацитетот на овој концертен простор е ограничен и помал во споредба со оној на Античкиот театар, во недела ќе се одржат два концерти, а по барање на публиката која само овој викенд и специјално за овој концерт е во Охрид, термините ќе бидат во доцните попладневни часови.

Концертот од 17:00 часот ќе можат да го проследат оние кои имаат влезници за партер, блок Б и блок Д (по шемата на Антички театар). Концертот од 19:00 часот ќе можат да го проследат оние кои имаат влезници за блок А и блок Ц (по шемата на Антички).“- велат од „Охридско лето“.

Сите оние кои веќе купиле влезници, а нема да бидат во можност да присуствуваат на еден од презакажаните концерти, ги известуваме дека од среда (10 август 2016) ќе можат да ги вратат своите билети и ќе им бидат рефундирани паричните средства. Деталите за местото и начинот на спроведување на рефундирањето, ќе бидат објавени дополнително. За повеќе информации од понеделник ќе можете да се обратите и на телефонските броеви: 02/2775-430 во Скопје и 046/262-304 во Охрид.

„Во оваа прилика му благодариме и на големиот Артуро Сандовал за укажаната чест и согласноста да го продолжи својот престој во Охрид за да не ѝ остане должен на македонската публика со најавениот концерт, како и на сите кои ни излегоа во пресрет за да бидат овозможени утрешните два концерти. Жалиме за временските неприлики кои не само што го зафатија Охрид, туку и поширок дел од земјава, а воедно, уште еднаш упатуваме извинување до публиката и Ви благодариме за покажаното разбирање во оваа неприлика.“- додаваат од „Охридско лето“.