Во врска со трибината на заменик министерот за земјоделие Зоран Коњановски одржана во Дебарца, ОО на СДСМ Дебарца испрати реакција во која стои:
„Според соопштението од локалната самоуправа Дебарца заменикот министер за земјоделие, Зоран Коњановски во големата сала во општина Дебарца требаше да одржи трибина со земјоделците за земјоделските задруги. Меѓутоа, од лиферуваното соопштение за настанот очигледно е дека таква трибина не се одржа, барем не со земјоделците од општина Дебарца, кои повеќе не веруваат во шарените лаги на оваа самонаречена “земјоделска” Влада. За волја на вистината трибина сепак се одржа, во салата за седници на советот на општината, на која заменик министерот беседеше со безмалку сите членови на ОК ВМРО-ДПМНЕ Дебарца и неколку членови и симпатизери на актуелната власт.
Единствено што за нас остана не јасно е дали од присутните на заменикот министер му биле поставени следните прашања, а за кои земјоделците од Дебарца бараат одговори:
1. Кога ќе бидат доисплатени субвенциите за 2012, а кога ќе отпочне исплатата за 2013 година?
2. Дали воопшто оваа Влада планира да отвори откупен пункт за земјоделски производи во општина Дебарца?
3. Дали и кога земјоделците ќе ги добијат одобрените средства за штетата од градот во јуни 2010 година, одобрени од Владата во декември 2011 година, а до ден денес неисплатени?
4. Дали воопшто се планира да се одговори по поднесените барања од општината за штетите на земјоделските производи предизвикани од градот во август 2012 и во 2013 година? “ – стои во реакцијата од Општинската организација на СДСМ Дебарца.