„Охридско Лето“ во нови простории

Со цел обезбедување на соодветни услови за работа, нови функционални сценски простори и конечно решение на просторниот проблем кој го има охридската библиотеката за сместување на книжниот фонт, НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид и НУ „Охридско Лето“ – Охрид – направија размена на простории. 

Со одлука на Министерството за култура на Р Македонија, НУ „Охридско Лето“ ќе се префрли во просториите кај Путник кои неодамна беа доделени на Библиотеката, а сегашната зграда на Дирекција на „Охридско Лето“ ќе се преадаптира за книжниот фонд на Библиотеката. Со ваквата размена на просториите Библиотеката ќе добие една просторна целина, административниот дел и книжниот простор ќе бидат на едно место, а „Охридско Лето“ соодветен простор прилагодлив за својата активност.

„Просторното решение на „Охридско Лето“, неговата адаптибилност и прилагодливост во административниот простор, бара единствено простор кој пред се ќе одговара со својата квадратура за нормално функционирање, простор кој би бил веднаш вселив. За нас е најважно да обезбедиме дополнителен простор кој ни е неопходен во реализацијата на настаните, како за време на 40-те фестивалски денови така и преку целата година, како библиотечен, театарски, сценски простор, театарска сцена, сали за изложи, прес конференции и слично“, вели директорката на „Охридско Лето“, Елизабета Јанкуловска. 

Според директорката на „Охридско Лето“ приоритет на Установата е обезбедување на што повеќе простори за изведба на музичко сценските настани, а не  административни простории.

„Културните установи со своите дејности се претставуваат на сцените, а не во канцелариите“, вели Јанкуловска. 

Инаку за објектот на Центарот за култура, каде сега се сместени двете национални установи, уште во 80-тите години направен е предлог проект за реконструкција. Според најавите  тука е предвидено да се гради културен комплекс, во кој би имало големи и мали сали за настани, простори за изложби, промоции и презентации, кино простор и др. како и простор за  распределба на административниот дел на веќе присутните установи (центарот за култура, театарот, библиотеката, „Охридско Лето“…).

„Охридско Лето“ во новите простории ќе се пресели по целосна адаптација на просторот  кај Путник.