Самитот е добра прилика за разгледување на можностите за економска соработка и пример за многу држави кои се посветени на реформите, оцени македонскиот премиер Никола Груевски во своето обраќање пред шефовите на влади на Самитот Централна и Источна Европа и Кина што се одржува во Букурешт.
„Народна Република Кина со одличните економски резултати го покрена прашањето за поблиска соработка помеѓу Кина и регионот на Централна и Источна Европа, чекор на кој Македонија гледа како одлична можност за динамизирање и зближување на регионот на повеќе нивоа. Ваквата можност може да биде акцелератор на економската соработка и развој помеѓу регионите. Во тој контекст економски развиена Кина му треба на светот исто онолку колку што и на Кина и е потребен развитокот и економскиот прогрес на државите од светот“, истакна Груевски.
Говорејки за значењето на соработката мегу државите од ЦЕИ И Кина, Груевски нагласи дека Македонија е меѓу првите држави која ги искористи бенефитите од инвестицискиот фонд од 10 милијарди долари што кинеската Влада ги најави минатата година во Варшава.
„Република Македонија и Народна Република Кина потпишаа Договор за економска и техничка соработка во областа на инфраструктурата со што се создадоа предуслови за реализација на два исклучително стратешки проекти од областа на инфраструктурата за Република Македонија, но и регионот. Претставници на Владата на Република Македонија и кинеската компанија Синохидро потпишаа договори за изградба на автопатските делници од Миладиновци- Штип и од Кичево-Охрид“, потенцира Груевски.
На самитот се очекува шефовите на влади на земјите од Централна и Источна Европа и Народна Република Кина да се обврзат дека ќе работат на интензивирање на инвестициите и на трговската и економската соработка.
Ќе биде усвоен акциски план со кој се предвидува секоја есен да се одржуваат вакви состаноци и да се изработи тригодишен акциски план 2015-2018 година. Во првата половина на идната година меѓу другото предвидено е да се одржат министерска конференција посветена на економската соработка, повеќе саеми во делови од Кина, меѓународен саем за инвестиции и трговија и инвестициски форум во Чешка.
Попладне на маргините на самитот, Груевски ќе оствари билатерални средби со кинескиот премиер и со шефовите на влади на Естонија и Полска.