Триесет милиони евра од ЕК за Македонија за реформите и за меѓугранична соработка

Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими и директорот на Директоратот за проширување на Европската комисија Александра Кас Грање денеска потпишаa спогодби за финансирање меѓу Владата на Република Македонија и Европската Комисија во висина од околу 30 милиони евра. ЕК со овие средства ќе поддржи продолжување на реформите и осум проекти за прекугранична соработка на Македонија со Грција.

Бесими и Кас Грање ги потпишаа Спогодбата за финансирање меѓу Владата на РМ и ЕК за Националната програма за Компонентата за помош во транзиција и институционална надградба за 2012 година, во рамките на ИПА, со која се предвидени 28,5 милиони евра и Програмата за прекугранична соработка меѓу РМ и Република Грција, за 2012-та и е во рамки на ИПА Компонента 2 за прекугранична соработка со која се предвидени околу 1,5 милиони евра. За меѓугранична соработка со Грција, дополнително од Буџетот на Македонија се предвидени и средства од околу 275 илјади евра.

„Со оваа финансиска програма ќе бидат поддржани активностите и реформите во секторите јавна администрација, правда, внатрешни работи и основни права, развој на приватен сектор, земјоделство и рурален развој и животна средина и климатски промени. Со ова РМ во соработка со ЕУ ќе добие дополнителна поддршка во спроведување на реформите за членство во ЕУ“, изјави Бесими.

Од 2007 до 2011 од ЕК за оваа програма се добиени средства во вкупна вредност од 188 милиони евра, додека за меѓуграничната соработка од 2007 до 2011 година вкупно се реализирани средства во висина од 13, 7 милиони евра.

Со програмата за прекугранична програма со Грција се предвидени осум проекти, а досега се реализирани 38. Бесими посочи дека Македонија има вакви проекти со сите свои свои соседи и тоа со Албанија досега се реализирани 41, со Бугарија 52 проекти и првпат следната година ќе имаме заеднички проекти со Косово.

Директорката на директоратот за проширување на ЕК Кас Грање истакна дека земјата се придвижува во реформите на патот кон ЕУ и оваа година Комисијата по петти пат предложи на Советот да започнат преговорите со ЕУ.

„Сите овие препораки се засноваат на напорната работа, но исто така ве очекува напорна работа во многу подрачја. Секако не сме на крајот на патот“, изјави таа.

Финансиската поддршка што ЕК и ја дава на земјата, како што истакна Кас Грање, е со цел да може да ги заврши и да ги исполни критериумите за влез во ЕУ. – Годишно земјата добива околу 100 милиони евра и овие пари треба да играат главна улога да ја поддржат земјата и да може да се платат реформите кои мора да ги преземете како и за дополнителен општествен и економски развој, изјави Кас Грање.

Појасни дека дел од средствата предвидени со Националната програма на ИПА се однесуваат на напорите на земјата за зачленување во ЕУ за усогласување на законодавството и практиките, а дел на политиките на земјата. Дел од средствата, како што посочи, се однесуваат на реформите во јавната администрација и тоа во износ од 7, 24 милиони евра, за подобрување на секторот правда, внатрешни работи и основни права предвидени се 11, 46 милиони евра, ќе се подобруваат објектите за царинење на граничните премини со Србија и со Албанија, речиси десет милиони евра се предвидени за развој на приватниот сектор…

„Во областите животна средина и климатски промени каде има потреба од многу големо усогласување со законите од Европската унија, но земјата има исто така потреба од станици за пречистување на отпадни води и на отпадот“, изјави Кас Грање. Предвидени се средства и за осум експерти за твининг програми.

Со Програмата за меѓугранична соработка со Грција се предвидени осум проекти кои се фокусираат на социоекономскиот развој на двете страни од границата, на еколошките ресурси, на промовирање на културното наследство, а избрани се регионите на Пелагонија, вардарскиот регион, југоисточниот и југозападниот од една страна и солунскиот регион, Лерин, Пела, Кукуш и Сер од другата страна на границата.