Кривична пријава против пет лица за бесправно градење на спомен обележје во Радолишта

Поради постоење на основи на сомнение за сторени  две казнени дела од законот за градење и законот за просторно и урбанистичко планирање, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против пет лица. Пријавата е поднесена против В.А.(47), М.С.(52), З.Љ.(43), тројцата од с.Радолишта како и против Ф.С.(31) и М.К.(29),  двајцата од Струга. 

На 25-ти септември оваа година на местото „Ајрот“ во близина на раскрсницата за стручките села Радолишта и Теферич, пријавените во својство на иницијативен одбор, без одобрение за градба и спротивно на урбанистички план  започнале градежни активности за поставување на спомен обележје. Истиот ден, градежниот инспектор на општина Струга извршил увид и изготвил записник, решение и заклучок во кои констатирал дека инвеститорот односно иницијативниот одбор започнал на патниот правец  поточно на раскрсницата за селата Радолишта и Теферич да го гради објектот без одобрение за градење. Констатирано било дека објектот не одговора и на деталниот урбанистички план според кој на таа  локација била предвидена градба на друг вид на објект.

Со решението и заклучокот од градежната инспекција побарано било, инвеститорот да прекине со градба на објектот и локацијата да ја доведе  до состојба пред започнувањето со  градењето.