„СДСМ од Охрид од вчера забрзано го достигнува врвот на политичките интриги, небулози, обвинувања и лаги, со цел да се амнестира од својата убедливо најпогубна политика некогаш спроведена во општина Охрид“, рече на денешната прес-конференција координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Охрид, Сашо Донев.
„СДСМ нема никакво морално право да обвинува никого во било кој сектор на локалната самоуправа, а најмалку во образованието, кога истото во Охрид го оставија во страшни долгови и со блокирани сметки. Само како податок кој е потребно да го знаат граѓаните на Охрид, а и советничките од СДСМ, Оливија Јанева-Пирузева и Жаклина Лазареска, кои вчера се обидуваа да исконструираат состојба на вина на локалната самоуправа, дека во месец април во моментот кога Градоначалникот Никола Бакрачески ја превзеде функцијата градоначалник, блокираните сметки на училиштата во Охрид по основ направени долговите изнесуваа над 10 милиони денари. Деновиве сметката на ОУ “Григор Прличев” е блокирана за дополнителни 9 милиони денари, како резултат на неплатени обврски направени во текот на 2011 и 2012 година. Вкупните долгови кои ги имаа основните и средните училишта во април 2013 година, ја надминуваа цифрата од неверојатни и фрапантни 80 милиони денари. Во сумата не влегуваат оние средства кои по основ на плата им се должат на времено ангажираните лица во образованието и техничките лица во училиштата. Наместо блок-дотациите да се користат за намената за која се трансферираат, во најголем дел или близу 5 милиони денари месечно се плаќале за автобуски ученички превоз на фирма блиска до СДСМ, по цени кои се далеку од нормалното расудување. Замислете месечен училишен превоз по дете на релација Охрид-Велмеј се наплаќал по 9.000 денари, Охрид-Белчишта по 8.000 денари, а Охрид-Ресен по ВНИМАВАЈТЕ 11.000 денари, или за 4 пати поскапо од месечен билет на редовните линии. ПОВТОРУВАМ еден месечен авто-билет за ЕДЕН ученик за Охрид- Велмеј се наплаќал за 9.000 денари, а за Ресен дури 11.000 денари. Каде завршувале вишокот средства, чии џебови се полнеле, каква била улогата на сегашните советници и советнички од СДСМ во општинскиот Совет? Најголем дел од средтсвата за нафтата за греење, наместо за затоплување на објектите каде што учат учениците, се употребувала за атомобилите и автобусите во кои луѓето под закани и тортури секојдневно се носеа на протести и митинзи низ државата, реализирајќи ја насилната политика на СДСМ.“ – истакна Донев.
Како што рече Донев, во периодот април-ноември, градоначалникот Бакрачески од општинската сметка до училиштата и градинките трансферира над 15 милиони денари, средства со кои се одблокираа сметките, се намалија долговите и средства кои се употребени за инвестициски активности. Меѓу останатите активности, на почетокот на школската година адаптирана е училишната просторија во село Ливоишта, во која настава сега држат ученици од Ливоишта и Вапила. Во октомври се пуштија во употреба простории на Детската Градинка “Јасна Ристеска” во нови просторни услови во Велгошти и Лескоец, со што се одговори на потребите на младите семејства и децата од овие места.
„СДСМ никогаш не презело мерки за подобрување на образовниот процес во училиштата. Тие беа изричито против воведување на компјутери во наставата, остро го напаѓаа воведувањето на електронски дневник, екстерно тестирање и сите оние други образовни методи кои нашето образование го приближуваат до светските едукативни текови. За охридските социјал-демократи, образовните институции во градов беа можност за наоѓање, носење и малтретирање луѓе по нивните митинзи и т.н протести, без да се води сметка за вољата на вработените и учениците. Насилието и газењето по достоинството на луѓето кое е незапмантено во Охрид, а во кој учествуваа тогашните првенци на СДСМ, беа силен удар врз образовните институции. Ги прашуваме советничките Јанева-Пирузева и Жаклина Лазареска, дали и тие беа дирекно инволвирани во овие политучки тортури, наместо во реализација на наставните програми?“ – праша Донев.
На крајот Донев додаде дека Локалната самоуправа предводена од Градоначалникот Никола Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ има стратегија која ја спороведува, а чија крајна цел е подобрување на условите во училиштата и во наставно-образовниот процес. Програмата на Градоначалникот Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ во делот на образование, која граѓаните на општина Охрид ја поддржаа, се реализира и целосно ќе биде имплементирана, без разлика на сите лажни обинувања и интриги на политичките опоненти. ВМРО-ДПМНЕ и Градоначалникот Никола Бакрачески цврсто се решени да ги реализираат сите предвидени активности и да го направат Охрид успешен град, како што заслужуваат нашите граѓани.