СДСМ Дебарца: Градоначалникот Трајкоски врши партиска дискриминација на спортските клубови во општината

По повод асфалтирањето на игралиштето во с.Требеништа, СДСМ Дебарца испрати реакција во која стои:

„Градоначалникот на општина Дебарца, Игор Трајкоски вчера по повод асфалтирањето на спортското игралиште во село Требеништа уште еднаш се изрекламира и пофали дека вложувал во развојот на спортот во општината Дебарца. Добро ќе беше навистина да е  така, но за жал не е. Не е, затоа што градоначалникот развојот на спортот во општината го гледа исклучиво низ партиската диоптрија. Дека тоа е така, еве доказ. Согласно Годишната програма за развојот на спортот во општината Дебарца за 2013 година едногласно донесена од советот на општината Дебарца, секој спортски  фудбалски клуб кој се натпреварува во општинската фудбалска лига го следуваат средства од буџетот на општината, во износ од 60.000 денари годишно. Сите фудбалски клубови во општината ги добија средствата, освен ФК “Славеј” –Мешеишта и ФК “Сатеска”- Волино. Образложението на градоначалникот е дека овие клубови имаат партиски неподобни раководства. Од истата причина ФК “Сатеска” не доби  ниту денар поддршка и  како организатор на спортската манифестација-турнир во мал фудбал “Богородица Куп 2013” , иако го следуваа 15.000 денари. Нешто, што за првпат се случува во шестнаесетгодишното постоење на спортската манифестација. За каква поддршка на спортот зборува градоначалникот кога клубот кој оваа година играше во финалето на плејофот на општинската лига и беше победник на фудбалскиот куп за ОФС Охрид не доби ниту денар поддршка од општината!?

Во врска со изградбата на новото спортско игралиште во село Требеништа, уште еднаш го повторуваме нашиот јавно прокламиран став дека даваме безрезервна поддршка на секоја активност на планот на изградбата и осовременувањето на спортската инфраструктура во општината. Меѓутоа, во оваа прилика не можеме, а јавно да не поставиме прашање до секретарот на општина Дебарца, Илија Дуклески и тоа – дали со изградбата на уште едно спортско игралиште во Требеништа, покрај постојното , изградено на ритчето над основното училиште, во време кога Дуклески беше градоначалник на поранешната општина Мешеишта  и кое веќе десетина години остана неискористено и препуштено на заборавот на времето, токму поради несоодветно избраната локација и официјално се признава дека изградбата на тоа спортско игралиште е промашена инвестиција. Граѓаните одамна со право го бараат одговорот на ова прашање, бидејќи за неговата изградба се потрошени народни пари, од буџетот на општината и сметката на тогашната месна заедница с.Требеништа.“ – стои во реакцијата од Центарот за комуникација со јавноста на ОО СДСМ Дебарца.