Министерот за здравство Никола Тодоров најави нови 400 вработувања во јавното здравство.
Владата на почетокот на годината, нагласи тој, донесе една стратешка, но и историска одлука за вработување на 800 здравствени работни во јавното здравство.
„Со тоа што беше договорено првите 400 да бидат во првата половина од годината, а вторите 400 во втората половина, односно при крајот на оваа година. Веќе се распишани огласите за 400 вработувања во јавното здравство, од кои половина се докторски кадар, односно специјалисти или специјализанти, а другата половина се сестри, болничари, акушерки и друг медицински персона“, појасни министерот Тодоров.
Со новите 400 вработувања, посочи тој, во болниците и здравствените домови во земјава во рок од неполни две години веќе се примени околу 1.200 здравствени работници, медицински персонал, болничари и хигиеничари.
„Идејата со вработувања во областа на здравството е да придонесеме во зајакнување на човечкиот капитал во здравството и да не дозволиме стагнација на македонското здравство. Она што овие 400 вработувања ги карактеризира е што првпат распишуваме огласи за вработување на доктори кои што потоа ќе ги упатиме на специјализација во странство. Така се распишуваат и огласите, значи стои во огласот дека се бара лекар кој ќе се упати на специјализација во странство, а потоа ќе има обврска да се врати во Република Македонија“, рече Тодоров.
Според него, ќе има специјализации од повеќе области гинекологија, хирургија, анестезија, интерна медицина, кардилогија, а идејата е да немаат специјализирано само во Скопје или од оваа година на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, туку да можат да специјализираат во Белград, Софија, Загреб, Љубљана, Нинберг, Хамбург и во поголем број градови за да донесат различно знаење и со тоа да се наметне еден натпревар.
„Овие доктори, нема да бидат распределени само во Скопје, туку низ целата територија на Република Македонија“, рече Тодоров.
Тој оцени дека новите вработувања, но и специјализации на лекарите во странство ќе се придонесат за подобрување на квалитетот на здравствените услуги, а за лекарите создавање контакти и мрежа со свои колеги од европските земји, што значи и понатамошна размена на искуствата.
Министерот за здравство Тодоров најави дека наскоро ќе го промовираат и проектот за изградба на новата Клиничка болница во Штип.
„Идејниот проект е веќе готов, сега се прави основниот проект, кој што треба да биде готов до крајот на оваа или почеток на наредната година, потоа следи период на ревизија и вториот дел од тендерот за градба.Практично очекуваме како што и најави претседателот на Владата, Никола Груевски некаде во февруари да започнеме со градба“, изјави Тодоров додавајќи оти станува збор за многу модерен, современ концепт на градба на болница, во која што ќе има одлична функција на самата болница и добра распределба на одделенијата, што ќе помогне за подобро функционирање на самата болница.