ОО на СДСМ Дебарца испрати реакција до медиумите во која стои:
„Во недостиг на аргументирани одговори за партиската дискриминација на спортските клубови во општината Дебарца надлежните од Кабинетот на Градоначалникот на општината продолжуваат да ја замајуваат јавноста со голи флоскули, со чисто пропагандистички цели, веќе видени и прочитани од пропагандната машинерија на Партијата на која и припаѓаат. Во тој контекст, посебно небулозно е тврдењето дека СДСМ била против изградбата на спортските објекти. Уште еднаш Ви повторуваме, ако веќе не сте сакале тоа да го видите во нашето соопштение, СДСМ безрезервно поддржувало и ќе поддржува секоја активност за изградба на спортска инфраструктура и поддршка за спортот. Впрочем, тоа претходната локална власт предводена од СДСМ и практично го покажа, реализирајќи конкретни проекти за развој на спортот (реконструкција на спортскиот полигон во Мешеишта, поставување на заштитни огради и трибина на спортски полигон во Волино, започнување со изградба на полигон во Оровник, која Вие ја запревте), како и постојана финансиска поддршка на спортските клубови и спортските манифестации. Наспроти тоа, Вие партиски ги поделивте спортските клубови.
Уште еднаш јавно Ви поставуваме неколку прашања и бараме да одвоите малку време од Вашата “презафатеност со делата” и да ја удостоите пошироката јавност со одговори:
1. Дали е точно дека од сите фудбалски клубови во општината сеуште финансиска поддршка немаат добиено ФК Сатеска Волино и ФК Славеј Мешеишта? Која е причината за тоа? Дали и кога овие клубови ќе ја добијат финансиската поддршка која ги следува согласно програмата за спорт?
2. Дали е точно дека ФК Сатеска-Волино не доби финансиска поддршка за спортската манифестација -турнир во мал фудбал “Богородица Куп 2013” ? Ако е точно, зошто не доби и дали сите други кои аплицираа за поддршка на спортски манифестации добија финансиска поддршка?
3. Дали сметате дека старото спортско игралиште во Требеништа е промашена инвестиција и кој е одговорен за тоа?
Во однос на последното прашање, ако Вашиот одговор е оној кој е даден во соопштението според кој старото спортско игралиште е синоним за градбите на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш се согласуваме со тој одговор со една мала додавка – синоним за Вашите промашени градби и инвестиции. Поради погрешно избраната локација десет години на тоа спортско игралиште не стапнала нога на спортист, дури ниту учениците од основното училиште кое е во непосредна близина не го користат за часовите по физичко образование.Затоа, доблесно е некогаш да се признаат грешките, наместо неаргументирано да обвинувате друг.“ – стои во реакцијата од ОО на СДСМ Дебарца.