ВМРО-ДПМНЕ: Не очекуваме од СДСМ да прифати ништо од оваа локална или државна власт

Од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид реагираат на изнесеното на денешната одржана прес-конференција од страна на СДСМ.

„Не очекуваме од СДСМ од Охрид да прифати ништо од оваа локална или државна власт на ВМРО-ДПМНЕ. Секое нивно негирање има една цел, а тоа е да се релативизира секоја постапка или законско решение и истото да се прикаже како погрешно. Тоа го прават истите оние кои го извршија најстрашниот удар врз општината Охрид, доведувајќи ја до состојба на катастрофална, финансиска и  материјална состојба, со нарушен морален интегритет и достоинство. Дел од тие структури на СДСМ, кои  го создадоа уништувачкото цунами во Охрид, денес се обидоа да исфабрикуваат “случај” со Конкурсот за избор на Директор во ЈП “Ниско градба”.

Огласот за Директор на општинското  Јавно Претпријатие “Ниско градба” е објавен според сите законски одредби од Законот за Јавни Претпријатија и Статутот на  “Ниско-градба”. Тоа што не е предвидено работно искуство, е одлука донесена од Управниот Одбор на Ниско-градба и е во согласност со законот. Каде тука е повреден законот? Од друга страна тоа отвара можност оние лица кои имаат Програми и кои можат да понудат стручност, рамноправно да учествуваат во изборот, иако немаат доволно работно искуство. Која е придобивката за Охрид тоа што СДСМ за Директори во општинските Јавни претпријатија поставија луѓе со одредено работно искуство? Дали тие ги стабилизираа или тотално ги уништија јавните претпријатија? За какви партиски војници смее да зборува СДСМ, кога целосно ги партизираа сите можни административни структури во општинската администрација и јавните претпријатија. 

СДСМ не подржа ниту еден проект на Владата на Р.Македонија, а не се надеваме дека ќе поддржи некој проект на Градоначалникот Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ. Тие не поддржаа проекти кои се однесуваа на образованието, културата, инфраструктурата, ниту еден проект кој значеше бесплатни книги за учениците, компјутеризација во наставниот процес, задолжително средно образование, екстерно тестирање итн. Не очекуваме да поддржат ниту  лиценцирање и полагање на стручен испит на вработените во детските градинки, што е светска практика, ниту критериуми за основно познавање на англиски јазик на авто-таксистите, што е култура на однесување. За нив е најважно, како со лаги и манипулации да дојдат на власт, за да ја применат онаа политика која ја применуваа во Охрид во 8 годишниот период.

Граѓаните на Охрид веќе ги препознаваат политиките на оние кои посветено работат за санирање на катастрофалната сотојба и оние политиканти кои го однесоа Охрид во катастрофа.“ – стои во реакцијата од ОК на ВМРО–ДПМНЕ Охрид.