Бакрачески: Охриѓани заслужуваат искрен приод за да ја дознаат вистината и реалната состојба на општина Охрид, како и генезата на нејзиното задолжување

По повод изјавите на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на синоќешната трибина во Охрид, градоначалникот Бакрачески денес одржа прес-конференција на која што истакна:

„Добро е што вчера Претседателот на СДСМ, Зоран Заев направи барем обид за конструктивен пристап во решавање на катастрофалната состојба во која СДСМ ја оставија општина Охрид, иако за тоа имаше можност изминатите 8 години да влијае врз неговите партиски другари кои ја водеа општината, за да не дојде до ваква тешка финансиска и материјална состојба. Меѓутоа, внесувањето конфузии и заблуди меѓу охриѓани не помага да се надмине ваквата состојба. Наместо тоа, г-динот Заев можеше претходно да добие точни информации од надлежните општински служби, за што стоевме на располагање. Охриѓани заслужуваат искрен приод за да ја дознаат вистината и реалната состојба на општина Охрид, како и генезата на нејзиното задолжување.

А фактите се следни:

Вкупната сума на долгови на општината Охрид, на крајот на 2005 година, кога Александар Петрески беше градоначалник на Охрид, сметководствено изнесувала 1.4 милиони евра. На крајот на 2006 година, за само година и пол  од мандатот на Петрески, долгот на оптшината нараснал на 4,1 милион евра. Општинската сметка не е блокирана пред десет години, туку токму  на крајот на 2006.  Долговите на општина Охрид по основ на изградба на колекторкиот систем за заштита на Охридското езеро, во тоа време  изнесувале околу 2,2 милиони евра, а не 10,5 милиони евра. 

СДСМ и Александар Петрески на 03 април 2013 година, општина Охрид ја оставија со долг од 33 МИЛИОНИ ЕВРА, во кој не влегуваат обврски по основ изградба на колекторски ситем за заштита на Охридското езеро. Внимавајте 33 МИЛИОНИ ЕВРА. Со блокирана сметка од извршни судски решенија за цели 14 МИЛИОНИ ЕВРА, со дневна камата од околу 14 илјади евра и со општинска администрација која брои 266 лица.  Општината ја затекнал со долг од 1,4 милиони евра-ја остави со долг од 33 милиони евра, администрацијата од 52 вработени-ја зголеми на 266 лица. Ете затоа, политиката на СДСМ и нивниот поранешен градоначалник, имаат цунами ефект за општина Охрид. Катастрофалната финансиска состојба со која се соочува Охрид, во најголем дел е продуцирана во 8 годишниот период на управување на СДСМ со општината, и тоа се долгови кон голем број субјекти кои немаат побарување по основ на изградба на колекторски систем за заштита на Охридското езеро.

Наместо да ги сервисира општинските обврски и домаќински да управува со парите на граѓаните,  за осум години од општинскиот буџет исплатени се над 8 милиони денари за гориво за СЛУЖБЕНИТЕ ОПШТИНСКИ АВТОМОБИЛИ, 17 милиони денари ЗА СЛУЖБЕНИ ПАТУВАЊА и над 27 милиони денари ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА. 

Тоа се фактите за состојбата во која ја оставија општина Охрид, СДСМ и нивниот поранешен Градоначалник, за која што г-динот Заев требаше синоќа, во најмала рака да се извини пред охриѓани.“ – рече градоначалникот Бакрачески.