Реновирање на големата сала на Македонската опера и балет најави министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која денеска ја посети оваа национална установа …
Изработен е проект со кој е предвидено: реконструкција на подот и на електричната инсталација, замена на сите (околу 850) седишта во гледалиштето и поставување лед-екрани за претставите. Во март ќе биде објавен тендер за избор на фирма изведувач, а зафатот би се реализирал од јуни, кога во МОБ ќе нема изведби.
Министерството ќе поддржи и промена на светлосната опрема во МОБ на што укажаа директорите на установата на денешната средба со Канческа-Милевска.
Мерките со кои треба да се подобрат условите за работа во МОБ почнаа со вградувањето на новиот систем за греење и ладење кој им ги заштедил трошоците за 50 отсто.
Канческа-Милевска е задоволна од тоа што на сите три сцени кои ги посети се работи интензивно и го пофали новиот менаџерски тим на МОБ, предводен од генералниот директор Игор Дурловски.
„Новиот тим на МОБ за кратко време ја зголеми продукцијата на претстави кои се видливи и резултатот е позитивен. Ако лани за цела тековна година имавме околу 60 претстави, сега, за неполни два месеца, јануари и февруари, веќе имаме 30 претстави – оперски, балетски и претстави за деца. Во споредба со претходната година, тоа е рапидно зголемување на продукцијата и публиката е побројно присутна“ – изјави Канческа-Милевска нагласувајќи дека Министерството за култура, покрај инфраструктурните проекти, ќе продолжи да ги поддржува и програмските содржини на МОБ.
Од овој месец МОБ има и ново лого кое е поставено на главниот влез. Генералниот директор Дурловски рече дека имаат и други новини.
„На функција сум околу сто дена. Веќе се чувствуваат промените кај нас, работната атмосфера е многу позитивна, колегите уметници сакаат да работат на следните проекти, зголемена е продукцијата на претстави и е зголемен приходот од продажба на билети. Со тоа, можеме да си дозволиме и екстра продукции кои ќе ги финансираме од сопствени средства. Покрај ребрендирањето на логото, од март планираме сите наши каталози, програмчиња и маркетинг-материјали да бидат во ново руво и секоја година ќе имаме нов начин на презентација “– рече Дурловски.
Во моментов се работат три нови продукции во Операта и две нови продукции и обнова во Балетот, за што информираа уметничките директори.
Сони Петровски, директор на Операта, рече дека новите опери ќе ги изведуваат и во градови низ Македонија. Се подготвуваат и за 44. Мајски оперски вечери.
„Оваа година публиката на Мајските оперски вечери може да очекува околу 15 претстави, од кои најголем дел ќе бидат за возрасни, но имаме и нова манифестација – создаваме бренд од типот мали мајски оперски вечери, претстави наменети за нашата најмлада публика, за деца од три до девет години и за поголеми деца. Подготвуваме специјална програма за нив, се надеваме дека и тие ќе станат наша редовна публика и некој ден ќе доаѓаат на претставите за возрасни“ – рече Петровски.
Олга Панго, уметнички директор на Балетот, рече дека за неполни два месеца е подигната продукцијата.
„Има осум до десет претстави месечно заедно со претставите за деца за кои имаме голем интерес. Ги имаме „Огнени градини“, „Жизел“, за која имаме доста продадени билети. Во април планираме премиера на „Црвената соба“, во ноември голема претстава за 25 години уметничка кариера на примабалерината Александра Мијалкова, обнова на „Снежана и седумте џуџиња“, гостување во Берлин во декември со „14 часа“, за која сме во преговори и за гостување на летниот фестивал во Котор“ – рече Панго.