Македонски менаџери на практична обука во странство

Портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев, на прес-конференција истакна дека пред неколку денови за прв пат се информираше за втората фаза од реализација на Проектот за ангажирање на странски експерти за потребите на домашните компании. Тие странски експерти со своите знаења, вештини и способности ќе помогнат на домашните компании кои пројавија интерес за тоа на јавен повик на кој се пријавија стотина компании.

Втората фаза од проектот „Топ менаџмент“ значи поддршка за нашите, домашните менаџери да одат на практична обука, која ќе се спроведува во странски компании, проект со кој ќе бидат опфатени 150 менаџери на компании од Република Македонија.

Проектот „Топ менаџмент“ опфаќа реализација на теоретска, и на практична обука на домашните менаџери за најсовремените менаџмент стандарди и принципи и нивна имплементација.

Досега во овој проект се реализирани два циклуса, во кои што по 100 менаџери по циклус, значи вкупно 200 менаџери во двата циклуса кои се пријавија на претходните јавно објавени конкурси, ја поминаа теоретската обука во целост, теоретска обука која се одвиваше за групата од првиот циклус во претходните години а за групата од вториот циклус во текот на оваа година.

Од овие вкупно 200 менаџери кои ја поминаа теоретската обука, веќе четириесетина од нив поминаа и практична обука во компании во Словенија и Германија. Она што сакаме да информираме дека од почетокот на 2014 година ќе започнат процедурите за реализација на практичната обука на останатите околу сто и педесет од овие 200 менаџери кои беа опфатени преку проектот „Топ менаџмент“. Овие околу сто и педесет менаџери веќе ја имаат поминато теоретската обука која опфаќа планирање, изработка на бизнис планови, лидерство, стратешко планирање, организација, вмрежување на бизниси и слично… Тие доаѓаат од компании од разни области на економијата како што се металопреработувачка индустрија, информатика, трговија, земјоделство, сметководство, прехранбена индустрија, туризам, консалтинг, шпедиција и слично.

Концептот за практична обука кој ќе почне да се реализира од 2014 година, ги опфаќа следните позиции:

-домашните менаџери ќе посетуваат практична работа во компании од Германија, Холандија и Велика Британија и други земји;

-практичната работа ќе се одвива во компании кои имаат иста дејност како компанијата која ја раководи домашниот менаџер во дејноста;

-менаџерите кои ќе одат на практична обука треба да ја имаат завршено теоретската обука и да имаат меѓународен сертификат за познавање на странски јазик;

-практичната обука во компании во странската земја ќе биде во траење од 3 или 4 недели и

-менаџерот ќе работи со ментор од странската компанија и по завршувањето на обуката ќе има обврска да поднесе извештај и презентација пред другите колеги од проектот.

Во првиот квартал од годината Владата на Република Македонија ќе распише јавна постапка за ангажирање на странска консултантска куќа која согласно закон ќе биде носител на активностите од процесот. Таа ќе има за обврска:

-да изнајде компании во странски земји каде што домашните менаџери ќе ја реализираат практичната обука;

-да обезбедат ментор од тие компании и

-да обезбедат логистика за менаџерите кои се дел од процесот и останати работи согласно спецификите на тендерската документација.

Владата ќе покрива најголем дел од трошоците, особено главниот трошок за плаќањето на надоместок кон странската компанија за таа да го прими домашниот менаџер, да му обезбеди ментор, да му обезбеди вклучување во процесот и практична обука, и ќе покрива дел од режиските трошоци согласно договорот со домашниот менаџер, а ќе постои и партиципативен надоместок од страна на менаџерот во висина која ќе се договори меѓусебно со Владата, што беше пракса и во изминатиот циклус, и не претставува проблематичен издаток за менаџерот, затоа што Владата го плаќа главниот трошок за практичната обука во компанијата кај што менаџерот ќе оди на обука.

Ова ќе е значајна поддршка за менаџерите, тие преку оваа практична и претходно и теоретска обука ќе добијат нови знаења и пракса која им е корисна за бизнисот, и можности за нов профит во нивните бизниси, иновации и постигнување на дополнителен и индивидуален и компаниски развој.

Заедно со Проектот за ангажирање на странски експерти за потребите на домашните компании, овој проект за практична обука на домашните менаџери во странски компании претставува квалитетна целина која ќе помогне на компаниите за постигнување на нивните поставени цели.