СДСМ: Градоначалникот ги доведе во прашање угледот и достоинството на охридската гимназија

Градоначалникот на општина Охрид деновиве на крајно недемократски начин, кој одговара само на репресивниот стил на владеење  на ДПМНЕ,  ги  доведе во прашање угледот и достоинството, на многу ценетата и високо рангирана на Републичко ниво, воспитно-образовна институција ОСУ „Св. Климент Охридски“ или меѓу нас позната како  Охридската Гимназија, рече на денешната прес-конференција портпаролот на ОО на СДСМ, Александар Кузески.

„Поништувајќи го изборот за директор и прогласувајќи ја кристално чистата постапка за избор за невалидна  тој само покажа дека по наредба на првиот човек на ДПМНЕ во Охрид, може и мора без ниту малку срам да гази врз чувствата, достоинството  и  изборот на вработените, родителите и учениците. Бидејќи е јасно дека постапката за избор на директор беше легитимна и во согласност со позитивните закони, но резултатот од  изборот очигледно некому не му одговара сакаме да Ви поставиме неколку прашања:

Како ќе ја смените волјата на членовите на училишниот одбор, кој веќе јасно ставија до знаење дека г-динот Јамандиев со 9:1 е најпосакувана личност за директор од пријавените 3-ца?

Г-дине Бакрачески, кој има ќар од ваквата ваша одлука: двајца, тројца или 5 ваши налогодавци?

Дали со ваквата ваша одлука ја покажувате својата немоќ да донесете вистинска одлука ако таа не му се допаѓа на вашиот шеф од општинскиот комитетот на ДПМНЕ?

Дали ако не се промени волјата на училишниот одбор, вие со репресивни мерки ќе ги смените нив со други членови?

Како и да е, ова не е добра порака за вработените, учениците и нивните родители,  но и сите  граѓани на општина Охрид!“ – запраша Кузески.

Во врска со истекување на договорите за вработување, Кузески истакна:

„Колкава е грижата за образованието во Охрид на господата од ДПМНЕ кој денес се на власт на локално и на централно ниво во нашата држава ?

Договорите на шеесетината наставници кои ДПМНЕ на најнетранспарентен начин на 2-ри септември ги вработи во охридските училишта им се завршени. Училиштата сеуште немаат добиено согласности од Министерство за Образование и Наука за објавување оглас за вработување наставници. 

По кој правен основ наставниците кои на 2-ри септември станаа дел од воспитно образовниот процес се сеуште дел од истиот?

Зошто не се почитува законската процедура, да се истакне јавен оглас за избор на наставен кадар?

Срамно е и жално, локалната власт предводена од ДПМНЕ уште еднаш како на 2-ри септември да си поигра со чувствата на децата и нивните родители, тогаш отстранувајќи ги од работа дотогашните нивни наставници а сега оставајќи ги да им предаваат наставници  кои по истекувањето на  договорот не смеат да се дел од воспитно образовниот процес.

Го повикуваме ДПИ (државниот просветен инспекторат) и трудовиот инспекторат да ја проверат фактичката состојба со вработувањата во училиштата  на наставниот кадар, со договори до три месеци и да донесат решенија како што налага законот.

Колку на ДПМНЕ му е важно образованието, оставаме да пресуди јавноста.“ – рече Кузески.

Кузески на прес средбата  зборуваше и за Мостот кај Христо Узунов.

„Во неделата бевме сведоци на уште една фарса во режија на ДПМНЕ. Во употреба беше пуштен мостот кај училиштето „Христо Узунов“, со доделување на признанија за донаторите, со сликање за медиуми, изјави и сл. Ништо нема да беше чудно, ако тој мост не беше изграден пред околу десетина години и нормално, со сите церемонии тогаш пуштен во употреба. Како што беше кажано, било санирано осветлувањето, подот и сл. Па зарем тоа не се тековни поправки на еден таков објект?! Зарем за секоја смената светилка треба да се прават церемонии?! Па на тој мост којзнае колку десетици пати до сега беше санирано осветлувањето, беше саниран подот, покривот и слично и никој немаше потреба да дознае за сето тоа, зошто секако, тоа се тековни работи. Или пак, моќната ДПМНЕ, ги заврши сите големи проекти ветени во виорот на преродбата, како што се градење сали, менување на дограми, кровови на училишта и да не набројуваме што уште не, па сега и остана да се занимава со санирање на старите проекти?! Ве молам, доста ја замајувате јавноста и ни ги мачкате очите, започнете веќе еднаш да „остварувате“!“– додаде Кузески.