Црвен крст се закити со признание за посебни заслуги во остварувањето на целите и задачите на ниво на Македонија

По повод 5-ти декември, Црвен крст Охрид денес оствари средба со волонтерите на Црвен крст Охрид, каде  се истакна значењето на волонтерската активност и дејствување, волонтерството како глобален феномен и фундаментална човечка вредност ги развива основните постулати на граѓанското општество: почитување на разликите, хуманоста, одговорноста за други, одговорноста за своето мислење, одговорноста за својот избор.

Воедно на средбата беше и официјално најавен почетокот на новата волонтерска, хуманитарна кампања на Црвен крст Охрид насочена кон подобрување на животот на ранливите категории на луѓе од Охрид.

„Имаме огромен број на волонтери кои што работат на различни проблематики и кои што даваат и се вклучуваат себе си, даваат нешто многу повредно од парите, а тоа е своето слободно време. Својата стручност,својата професионалност и ја делат онаа вештина и способност која ја имаат, се со цел да им се помогне на ранливата категорија на луѓе. Токму тоа подразбира волонтерство од страна на Црвениот Крст тоа е давање на услуги кои што се инспирирани единствено од своја желба, а не од материјална корист или од некој друг интерес“. – истакна Сашо Точков, претседател на Црвениот крст Охрид.

„Ова ми е четврта година каде што волонтирам. Големо е задоволството да се биде дел од оваа организација, бидејќи парите не прават се во животот, да се биде волнтер е нешто божествено“. – рече Милан Србиноски, волонтер во Црвениот крст.

Во рамки на централната свечаност во организација на Министерството за труд и социјална политика на РМ и Црвениот крст на РМ, во Скопје, на Црвен крст Охрид му беше доделено признание за посебни заслуги во остварувањето на целите и задачите на Црвен крст на Република Македонија, како и за развој на волонтерски практики преку вклученост на најголем број на волонтери, за докажана проактивност, континуирана заложба за помош на различни целни групи, надградба на волонтерски капацитети кои укажуваат кон директна поддршка на терен за помош на оние на кои им е неопходна, но и за унапредување на капацитетите на организацијата и развој на националното друштво.

„Би сакал да истакнам дека Црвениот Крст во светски рамки е волонтерска организација која што брои преку 120 милиони волонтери. Во Европа, во европски рамки 7 од 10 луѓе се волнотери, исто така сакам да истакнам дека на ниво на Македонија немаме некои други информации, но за Црвениот крст имаме дека преку 5000 волонтери се актвини. На ниво на Македонија, нашата организација  е некаде на врвот со преку 1000 волонтери и токму тоа е причината после долгогодишните анализи и согледувања од страна на Црвениот крст на Македонија, денеска ОО на Црвениот крст да се закити со едно признание кое што е високо во овие рамки и томку се дава на денот на волонтереството“. – истакна Точков.

Имено, на овој ден се спроведе хуманитарно-волонтерска акција,во која беа вклучени преку 70 волонтери на различна возраст од Црвениот крст. Се изработуваа уникатни оригами наменети за украсување за дочек на Новата Година, кои пак потоа цела година ќе бидат изложени во Црвениот крст на продажба за граѓаните и ќе се нудат на институции и фирми. Изработката е од хартија-природен материјал.