Дваесет студенти добија стипендии „Борис Трајковски“

Дваесет најдобри студенти денеска добија стипендии за постдипломски студии на Сити Колеџот во Солун, кој е дел од Универзитетот  „Шефилд“ од Велика Британија.

Стипендиите, кои го носат името на поранешниот претседател Борис Трајковски, се доделуваат традиционално веќе четврта година по ред. Секоја стипендија поединечно е во висина на уписнината на Сити колеџот и изнесува 14.890 евра од кои 50 проценти ги обезбедува Министерството за образование и наука, а останатите „Сити колеџот“.

Стипендиите ги врачи претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, кој истакна дека тие се одлична можност да се надградат талентот, значењето и вештините и им порача на студентите стекнатото знаење да го искористат за остварување на своите визии и идеи, но и во корист на државата.

„Човечкиот ум е наш најзначаен ресурс. Оттука, градењето на квалитетни, високообразовни кадри, секогаш е најисплатлива инвестиција. На Македонија и се потребни лидери во областа на бизнис администрацијата, менаџментот, маркетингот и финансиите. Поради тоа, инвестираме во вас со цврсто уверување дека ќе бидете добри претприемачи и менаџери, со успешна кариера, но и со одговорност кон општеството. Вашите идни успеси ќе бидат и успех на Република Македонија“, нагласи Иванов во обраќањето пред присутните.

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски најави дека Владата ќе продолжи со поддршката за  стипендирање на најдобрите.

„Ставот на Владата е јасен – средства за надградба и развој на образованието ќе има дури и во најтешките економски услови затоа што тоа е влог во иднината на земјата“, подвлече Ристовски.

Досега, за период од четири години, оваа можност за стипендирање општ менаџмент, финансии, логистичка поддршка и менаџмент целосно ја искористија 60 лица од Македонија, вработени во јавниот сектор, а 20 лица ја користат во моментов преку стипендиите „Борис Трајковски“.